(Видео) Распуштање на Судскиот совет ќе значи целосна контрола врз судството на ВМРО-ДПМНЕ, алармира Филипче
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција по повод шест месеци од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, остро ја осуди партизацијата на државните институции која, како што истакна, добива епидемиски размери.
„Во изминатите шест месеци, партизацијата добива епидемиски размери. ВМРО-ДПМНЕ ја заробува државата и клучните институции во судството и безбедноста. АНБ е веќе партиска институција на ВМРО-ДПМНЕ со поставувањето на целосно нелегитимниот директор без никакви квалификации. Сите нови избрани судии откако е Мицкоски на власт се негов личен избор. Судии стануваат братучеди, партнери или сопружници на негови градоначалници. Во граѓанскиот совет на надзор на комуникациите се поставени луѓе кои имаат партиски книшки на ВМРО-ДПМНЕ во задниот џеб“, рече Филипче.
Овој систематски обид за целосно партиско заробување на државата се рефлектира и во најавата за распуштање на Судскиот совет, која, според СДСМ, е директен удар врз демократијата.
„Јас уште по првите чекори на оваа Влада најавив дека ВМРО-МВРО се враќа. Но вчерашната најава дека Владата планира да го распушти Судскиот совет, односно да разреши пет членови, е чекор кон целосна контрола врз судството. Ова СДСМ нема да го дозволи. Ова ќе значи газење на демократијата и враќање кон мрачните времиња на политички прогон“, истакна Филипче.
Дополнително, овој потег на Владата е во целосна спротивност со реформите кои Мицкоски ги потпиша во планот за раст пред само неколку месеци.
„Овој потег на Владата е целосно спротивен на сите реформи и на она што Мицкоски го потпиша во планот за раст пред само неколку месеци во Брисел. Реформите со ова ќе бидат фрлени на буниште и на сила ќе стапи целосна контрола и партизација на судството“, рече Филипче.
СДСМ ја повикува целата македонска и меѓународна јавност да ја спречи оваа тенденција на узурпирање на судската власт.
„Ја алармирам целата македонска и меѓународна јавност дека ова не смее да се дозволи. СДСМ остро ќе се спротивстави на ова и ќе направи сѐ да не дојде до ова узурпирање на судската власт од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, заврши Филипче.