Јаневска: Крајно време е политиката да се тргне од образованието, ако сакаме успех и просперитет
Крајно време е политиката да се тргне од образованието, зошто ако продолжиме вака нема да одиме нагоре. Нашите ученици на ПИСА и ТИМСС нема да бидат меѓу последните, туку последни. Дајте конструктивни сугестии за пакетот закони кој треба да се изгласа во Собранието, наместо да се фокусирате само на јазикот и химната. Ова го потенцираше министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска од собраниската говорница како одговор на прашање од пратеничката Рина Ајдари.
„Не спомнувате дека со новите закони се обезбедуваат повеќе права и можности за учениците и наставниците, дека се уредува дуалното образование, регионалните центри за стручно образование и обука, се унапредува државната матура и дека воведуваме едносменска настава во училиштата. Треба да се фокусирате на суштинските работи, за да обезбедиме што поквалитетна законска основа за подобро образование“, рече Јаневска.
На прашањето за немање законска можност за странски автори да издадат учебник по албански јазик во Македонија, министерката одговори дека и во државата има многу квалитетни автори, интелектуалци кои можат да изработат учебници, а додаде и дека за стекнување квалитетни знаења и вештини, не се доволни само учебниците, туку потребна е и соодветна инфраструктура и добро подготвен наставен кадар.
Министерката потенцираше дека голем пораз за државата е што нашите ученици имаат слаби математички вештини и ниско ниво на читање со разбирање, но и дека актуелната Влада нуди промени за долгорочен успех и просперитет, креирани врз повеќегодишна анализа на состојбите и во дискусија со многу засегнати чинители.