Македонија

Наместо две агенции, ќе има единствена безбедносна-разузнавачка служба, но потребно е време, вели Мицкоски

Ќе се спојуваат Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност во единствена безбедносна-разузнавачка служба, но тоа ќе е долг процес кој ќе трае. Ова го посочи премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

„Таа процедура нема да биде јавна и брза. Кога ќе биде се завршено, ќе има јавна дебата, ќе дадат експертите мислења. Се подготвуваме за оваа реформа, бидејќи најголем дел од НАТО земјите ова го имаат направено. Да бидеме трперливи“, рече Мицкоски.

Според него, ова ќе биде по примерите на други држави, како Словенија и Хрватска.

Ова се предвидува и со програмата со која ВМРО-ДПМНЕ настапи на изборите.

-Во соработка со домашните експерти и граѓанскиот сектор, а со цел постигнување широка граѓанска и експертска поддршка, се предвидува спојување на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност во една единствена модерна безбедносно-разузнавачка служба. Агенцијата ќе биде раководена од високи професионалци избрани под строго утврдени критериуми според стандардите на ЕУ и НАТО. За правилно функционирање на Агенцијата, предвидуваме изградба на комплетно нов објект за таа намена, врз основа на строги безбедносни НАТО стандарди, надвор од Министерството за внатрешни работи, пишува во програмата на новата Влада која синоќа беше изгласана во Собранието“, стои во програмата.

АНБ и ОТА (Оперативно-техничката агенција) произлегоа од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање, по големиот скандал дека УБК прислушувала над 20 илјади граѓани.

На почеток