Одземен пасошот на ексдиректорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, демантира дека бил приведен
Кривичниот суд го прифати предлогот на обвинителството и му го одзеде пасошот на поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски и му определи мерки за повремено јавување во судот.
Претходно, обвинителството извести доставиле предлог до судот за одземање на патната исправа и обврска за повремено јавување како мерки на претпазливост за Деспотовски, за кого се води истрага за злоупотреба на службената положба.
Од обвинителството соопштија дека се води истрага за злоупотреба на службената положба против едно лице поради основано сомневање за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување, според член 353 од Кривичниот законик.
Поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, ги демантира тврдењата објавени во дел од медиумите дека бил приведен по налог на Управата за финансиска полиција (УФП). Според него, информацијата дека е приведен поради сомневање за проневера од два милиона евра е намерно дезинформирање на јавноста.
„Во моментов, ги преземам сите потребни правни чекори за заштита на мојата чест и углед. Навистина очекувам медиумите да ја проверат точноста на информациите пред нивно објавување, со цел да избегнат понатамошно ширење дезинформации. Мојата достапност и за институциите и за медиумите досега е потврдена во пракса и ќе остане така и во иднина“ – вели Деспотовски.