Македонија

Потерница и 8 дена притвор за Васко Ковачевски

Судот го прифати предлогот на Обвинителството и определи мерка притвор во траење од осум дена за поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, кој е недостапен за органите на прогонот.

Засега не се знае каде е Ковачевски кој е осомничен за проневера на 6,5 милиони евра.

Согласно Законот за кривична постапка, предметните јавни обвинители до МВР, како што информираат од ЈОРСМ, доставиле и наредба за распишување на национална потерница и изјава за распишување на меѓународна потерница по осомниченото лице.

Инаку Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска го прими Решението на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, со кое предлогот за определување мерки за претпазливост против осомничен во предметот „Адитив“ се отфрла, наведувајќи дека осомничениот не е достапен на органите на прогонот.

Согласно своите законски надлежности, јавните обвинители кои постапуваат во предметот, до судијата на претходна постапка веднаш доставија Жалба по однос на донесеното Решение за отфрлање, како и Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот која мерка ќе биде активна по неговото пронаоѓање. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 8 дена.

Применувајќи ги одредбите од Законот за кривична постапка, предметните јавни обвинители до МВР доставија Наредба за распишување на национална потерница и Изјава за распишување на меѓународна потерница по осомниченото лице.

Истрагата за предметот под кодно име „Адитив“ започна на 10 декември и со него се опфатени 23 физички лица и четири правни лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството и кривични дела против службената должност и против правниот сообраќај.

На почеток