Македонија

А каде е Груби?

Веќе 15 дена трае „приватната посета“ надвор од земјата на поранешниот заменик-претседател на Владата Артан Груби, кој се бара со меѓународна потерница во врска со злоупотребите во Државната лотарија во вредност над 8 милиони евра. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на новинарско прашање дали има информација каде се наоѓа поранешниот вицепремиер Артан Груби, рече дека не се занимава со таа работа.

„Се обидувам да се апстрахирам од дневна политика. Тоа е работа на органите на редот. Вчера видов една изјава на неговиот лидер дека тој знае и мислам дека треба набрзо да се повика, да се праша каде е и да се преземат мерки и да биде повикан и да дојде да одговара пред органите на редот“, рече Гаши.

Сепак, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вели дека веројатно се наоѓа некаде на албанските простори. И за да биде уште поконтроверзно, според Ахмети, Груби не избегал, иако дури еден полицаец беше суспендиран од работа токму поради бегството на Груби.

„Господинот Груби, според информациите што ги имам, не сум го сретнал, добро е. Неговата локација сѐ уште е некаде на албанските простори. Тоа е процес што треба да добие епилог. Артан Груби не е избеган од Македонија. Артан Груби е подготвен да одговори пред органите на правдата, да ги почитува законите, но не со одмазничка и селективна правда“, изјави Али Ахмети, лидер на ДУИ.

По денешните реакции и барања што стигнаа од премиерот Христијан Мицкоски, но и од опозицискиот СДСМ тој да каже каде се наоѓа Груби, Ахмети во изјава за ТВ 21 тврди дека нема контакт со ексвицепремиерот.

„Лично немам контакт со Артан Груби и немам детални информации каде актуелно се наоѓа. Мојата изјава во текот на вчерашниот ден е базирана на тоа што е јавно изјавено од претставници на Владата, но исто така и од фактот дека тој легално си ја поминал границата меѓу Македонија-Косово. Верувам силно дека секој граѓанин вклучувајќи го и господинот Груби заслужува еден правичен и неселективен судски процес далеку од селективна апликација на правото“, изјавил Ахмети за ТВ 21.

Прашан за коментар за вчерашната изјава на Ахмети, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави оти се надева дека таа ќе допре до Обвинителството и дека лидерот на ДУИ ќе биде повикан да даде одговор ако знае каде се наоѓа Груби, кого го ослови како бегалец од правдата.

„Се надевам дека ова допира до Обвинителството и има правна процедура во која ако имаме личност која знае каде се наоѓа бегалец од законот, ќе ја повика таа личност и таа ќе даде одговор на прашањето каде се наоѓа бегалецот од правдата. На секој во државата му е јасно како се поставуваа обвинители и судии во последните седум години. Истите тие без кои не можеше да биде поставен ниту обвинител, ниту судија, ниту да поминат квалификации преку Академијата на судии и јавни обвинители, сега велат дека правдата некому му била оневозможена и дека ова било политички прогон“, изјави Мицкоски.

На почеток