(Видео) Сите детали за масакрот во Црна Гора: прво убивал во кафуле, па во дом на семејство
Осомничениот за повеќекратно убиство во Цетиње, Ацо Мартиновиќ, прво убил четири лица во кафуле во близина на Спортскиот центар, по што се упатил на другата страна на градот, во селото Хумци, каде во куќа убил две деца и ја ранил сопругата на сопственикот на ресторанот. Уште едно лице е убиено на трета локација.
Во Цетиње владее опсада, а полицијата ги блокирала сите приоди кон градот, јавуваат репортерите на ТВ вестите.
Државната обвинителка во Вишото државно обвинителство Андријана Настиќ изјави дека истрагата ќе се води на три локации.
Телевизија „Вијести“ објави и дека Мартиновиќ пред две години бил уапсен поради поседување оружје и закани, но не се знае каква казна му е изречена.
Осомничениот за повеќекратно убиство во Цетиње, Ацо Мартиновиќ, бил лоциран во средата вечерта во комплексот на поранешната фабрика „Обод“ во главниот град на Црна Гора, јави Радио Цетиње.
Информацијата дека е лоциран Мартиновиќ ја потврди и црногорскиот премиер Милојко Спајиќ во изјава за ТВ Вијести. Пронајден е и неговиот автомобил. Се работи за син Фиат.
„Полицијата е во многу тесна координација со Агенцијата за национална безбедност. Мислам дека наскоро ќе го лоцираме, поточно мислам дека е веќе лоциран. Потрагата е активна“, изјави Спајиќ за ТВ Вијести.
Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Данило Сарановиќ соопшти дека во трагедијата на Цетиње загинале сопственикот на ресторанот „Велестово“ и некои членови на неговото семејство.
Шарановиќ рече и дека меѓу жртвите има и членови на семејството на Аце Мартиновиќ, осомничен за извршување на убиствата.
Во масакрот во Цетиње загинаа најмалку 10 лица, меѓу кои две деца, додека лекарите од Клиничкиот центар во Подгорица во моментов се борат за животите на четворица жители на Цетиње, изјави во средата вечерта министерот за внатрешни работи Данило Шарановиќ.
Директорот на полициската управа Лазар Шќепановиќ на прес-конференцијата објасни како се случило злосторството и рече дека по убиството на четири лица, Мартиновиќ продолжил со крвавиот поход на три други локации.
Тој додаде дека според официјалната евиденција, Мартиновиќ немал регистрирано оружје кај него.
Тој рече дека Ацо Мартиновиќ е вооружен и опасен и тврди дека се уште е на територијата на таа општина.
„Ова е опасна личност, несовесна и брутална“, додаде тој.
Тој рече и дека Мартиновиќ во 2005 година добил условна казна за насилничко однесување и дека во 2022 година биле преземени одредени мерки, вклучително и претрес, при што била пронајдена воздушна пушка, друго оружје и експлозиви. Мартиновиќ тогаш првостепено беше осуден на три месеци затвор, но пресудата не стана правосилна.
Сите полициски единици, вклучително и припадниците на Специјалната полициска единица (СЈП) со часови трагаат по осомничениот, а во готовност е и армијата.