Мештаните од Цетиње за убиецот: Беше врвен автомолар, којзнае што му се случи
Масовниот убиец од Цетиње Ацо Мартиновиќ се самоуби откако убил најмалку дванаесет лица, соопшти полицијата. Мартиновиќ, кој бил во бегство, полицијата го лоцирала недалеку од неговата куќа во Цетиње.
„Откако полицијата го опколи и откако виде дека е во безизлезна ситуација, тој се застрела и почина при транспортот до клиничкиот центар“, изјави на прес-конференција директорот на полицијата Лазар Шќепановиќ.
Тој додаде дека напаѓачот убил најмалку дванаесет лица, но можно е да има и повеќе жртви. Четири лица се тешко ранети. Меѓу жртвите има и две деца на возраст од 10 и 13 години и сите се најблиски пријатели, кумови и роднини на убиецот.
Мартиновиќ злосторството го започнал во ресторан во Велестово во близина на Спортскиот центар. По инцидентот меѓу него и гостин, тој отишол дома да земе пиштол, се вратил во кафеаната и таму уби четири лица. Потоа ги убил членовите на неговото семејство и две деца на возраст од 10 и 13 години на три познати локации. Шќепановиќ рече дека мотивот се уште се утврдува.
Граѓаните на Цетиње велат дека не можат да ја опишат тагата што ги погодила.
„Убиецот не го познавав многу добро, работеше како автомеханичар. Синоќа низ Цетиње се слушаа стенкање и плач. Се уште не сме закрепнале од трагедијата што не снајде во 2022 година, а сега ова нѐ погоди нас“, рекоа граѓаните Цетиње, пренесува Рина.
“Не се караше со никој од соседството. Беше мирен, искрен и повлечен. Што се случи вчера, никој не знае. Дали беше алкохол или нешто друго, никогаш нема да дознаеме”, изјавил за агенцијата еден од првите соседи.
Тој додава дека Мартиновиќ бил врвен мајстор за фарбање на автомобили и дека не бил оженет.