Свет

Најмалку 126 мртви во Тибет: 400 луѓе спасени од урнатините, потрагата по преживеани продолжува

Повеќе од 400 луѓе се спасени од урнатините на Тибет погоден од земјотресот, соопштија кинеските власти во средата, додавајќи дека потрагата по останатите што не се пронајдени продолжува.

Најмалку 126 лица загинаа, а 188 се повредени во силниот земјотрес што во вторникот го погоди подножјето на Хималаите во близина на едно од најсветите места на Тибет, соопштија кинеските власти.

Епицентарот на земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала бил лоциран во Тингри, на околу 80 километри северно од Монт Еверест, највисокиот врв на светот, а бил почувствуван и во соседните земји Непал, Бутан и Индија. Националната управа за намалување и управување со ризици од катастрофи на Непал (NDRRMA) во вторникот соопшти дека потресите биле почувствувани во седум ридски области кои граничат со Тибет.

Земјотресот бил толку силен што дел од теренот околу епицентарот се лизнал за речиси два метри, соопшти Американскиот геолошки институт (USGS). На 20 километри од епицентарот има три града и 27 села. Таму живеат вкупно околу 6.900 жители.

Дваесет и четири часа по земјотресот, луѓето затрупани во урнатините, ако се уште се живи, издржале температури кои паднале многу под нулата, а спасувачите ги засилуваат напорите да најдат преживеани. Станува збор за екстремно напорна спасувачка операција имајќи предвид дека потрагата по преживеани се одвива во област со големина на Камбоџа.

Температурите во областите на поголема надморска височина паѓаат до минус 18 степени Целзиусови, а луѓето заробени во урнатините или оние без никакво засолниште се изложени на ризик од хипотермија. Во овие услови, дури и кога човек не е повреден, може да се преживее од пет до десет часа.

Кинеските власти допрва треба да го соопштат бројот на исчезнати лица.

На почеток