Зоран Милановиќ убедливо победи, Приморац не му честиташе
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, поддржан од партијата СДП и коалицијата, убедливо победи по вториот круг на претседателските избори.
Изборната комисија ја потврди убедливата победа на Милановиќ над кандидатот на владеачката Хрватската демократска заедница Драган Приморац.
„Ова е голем ден за мене, оваа победа ја гледам како признание и одобрување за мојата работа. Ова е плебисцитна порака од хрватскиот народ до сите оние кои треба да ја слушнат и барам да ја слушнат“, изјави Милановиќ.
Тој подаде рака на владата предводена од ХДЗ, иако меѓу него и премиерот Андреј Пленковиќ има огромни несогласувања.
Пленковиќ не му честиташе на Милановиќ, а честитка и покрај убедливата победа не доби од неговиот противкандидат Драган Приморац.
„Ние сме една горда нација и така ќе остане до крај и никој нема да нè дели колку сака“, рече Приморац.
Според прелиминарните резултати на Државната изборна комисија, врз основа на речиси 100 отсто обработени избирачки места, Милановиќ, кандидатот на Социјалдемократската партија, освоил 74,66 отсто од гласовите, а Приморац 25,34 отсто.