Бајден рече дека преговарачите ќе работат на „траен крај на војната“ во втората фаза од договорот за прекин на огнот
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека разговорите ќе се движат подалеку од привремениот прекин на огнот објавен во средата, кон договор во втората фаза што може да вклучи „траен крај на војната“.
„Во текот на следните шест недели, Израел ќе преговара за потребните аранжмани за постигнување на втората фаза, која е траен крај на војната. Повторувам: траен крај на војната“, рече Бајден.
„Постојат голем број детали што треба да се договорат за да се премине од првата во втората фаза. Но, планот предвидува прекинот на огнот да трае се додека траат преговорите, дури и ако траат подолго од шест недели“ додаде тој.
Бајден потврди и дека „Американците ќе бидат дел од првата фаза од ослободувањето на заложниците“.
Според договорот, Хамас и поврзаните милитантни групи се очекува да ослободат 33 заложници киднапирани од Израел за време на нападот на 7 октомври 2023 година.
За возврат, Израел ќе ослободи стотици палестински затвореници, а според Бајден „Палестинците исто така ќе можат да се вратат во своите населби во сите делови на Газа, додека хуманитарната помош ќе почне да доаѓа со зголемена брзина“. Во евентуалната трета фаза од договорот, „сите останки на заложниците кои беа убиени ќе им бидат вратени на нивните семејства и ќе започне големиот план за обнова на Газа“, рече Бајден.