Македонија

(Видео) „27 април“: Ќе се бара ново судење, најавено дека јавноста ќе се згрози од тоа како се обезбедувале лажни докази и сведочења

Барање за повторување постапка поради нови докази кои можат да го сменат текот на постапката ќе биде поднесено до Кривичен суд од осудените за „27 април“ кои веќе седум години лежат низ затворите, дознава „Скопје1“. Собрани се списи и веројатно, до крајот на месецот, тие ќе бидат поднесени и постапката ќе биде почната. Засега за ова нема официјална потврда, но со оглед на реакциите по дадената амнестија во предметот „Организатори на 27 април“ – очекувано е сѐ да тече уште побрзо.

Во поткрепа на ова оди и ставот кој пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска го кажа во поткастот „Претрес со Ландов“. Таа посочи дека наскоро целата јавност ќе биде згрозена од тоа што се правело во предметот „27 април“. Стојаноска секогаш била во одбрана на осудените кои за неа се уставобранители, а и не го криела контактот со истите.

„Се работи на тоа да се соберат докази, и мислам дека многу скоро, ние и целата јавност ќе бидеме згрозени од тоа што ќе се откријат многу вистини како се обезбедувале лажни докази и како се обезбедувале лажни сведочења и тука не мислам само на Нинџа туку и за многу други“, рече Стојаноска, ексклузивно во „Претрес“.

По одлуката да се амнестираат организаторите за 27 април и процесот против нив да биде прекинат, премиерот Мицкоски вели ако нема организатори, не може да има и терористи.

„Факт е дека ако нема организатори не може да има терористи. Никој не вели дека тие луѓе не згрешиле, никој не вели дека тие луѓе не направиле престап, но тие луѓе за тој престап доволно време поминале таму и треба тие кои водеа политички монтиран процес за коишто сто пати сме кажале во минатото, да си стават прстот на чело и да размислат што прават и што направиле“, рече премиерот Христијан Мицкоски.

На почеток