„Прости ни, и летај Фросина“, „Вие ја убивте“, „Таа е жртва на системот“ – низа реакции за смртоносното прегазува на младата дизајнерка


„Тоа што и се случи на Фросина не е инцидент, ова е повторување на дело без никакви последици за оној кој убива. Тој “оној” е слика на врсничкито насилство, дилер на амфитамини кој бил пуштен од системот,напуштен одамна од грижата на родителите, бесрамник и збеснат. Замислете на пешачки премин уредно врви Фросина која имала голем сон,да биде уметник,моден дизајнер,да остави трага во својот живот. Наспроти ова чудовиште кое летало по Партизанска и јас сум сигурна дека не му било сефте.Фросина е наша грешка,ние кои треба да се бориме жестоко и да бараме одговорност.Јас изодев трнлив и мачен пат,уште го одам, но кога зборувам гласно за насилство мислам на ваквите како Васил(има име и презиме и слики најверојатно). Насилникот се создава,пред него се правеле наудрени,замижувале…. Тој ќе отслужи казна и пак ќе биде полусвет и бандит. Фросина нема да биде дел од светот кој го сонувала.Таа нема да се насмее повеќе, ниту да се бори против неправдите.Фросина е нашиот завет! Слава ти и почивај во мир“, напиша Весна Петрушевска, актерка.
„ВИЕ ЈА УБИВТЕ ФРОСИНА! Не знам кој датум беше во 2020 година, ама петок беше кога мене АНБ ми поднесе кривична пријава за оддавање на службена тајна. Следната среда, значи по три раборни дена веќе обвинителството имаше поднесено обвинение за мене. Полицијата го фатила Васил Јованов во март 2024, со 80 паковки амфетамин дома. Со целосни материјални докази. Веднаш била поднесена кривична пријава. Цели 11 месеци не е поднесено обвиниение! За чист и документиран случај!!! Цели 11 месеци од кои 10 тој е слободен!!! И сега од ОЈО се правдаат дека судот е крив, пошто го пратиле тогаш во зарвор во поправен дом за малолетници иако имал 20 години. Во 2023 одбиле кривична пријава од МВР иако бил виновен и предизвикал сообраќајка без возачка дозвола. Не дека судот не е крив, ама заедно со нив и ВИЕ ЈА УБИВТЕ ФРОСИНА!!!“, напиша Љупчо Златев, новинар.
„22 годишната девојка која настрада во Скопје е жртва на системот, на институциите, на изместените вредности. Возачот кој управувал без дозвола возило кое му го купиле и пред да ја добие (и да ја изгуби поради прекршоци меѓу кои и потешки), бил апсен за дрога (амфетамини), вечерта бил пијан и повторно бил на улица овој пат со трагичен крај за Фросина и нејзиното семејство. Еден млад и надежен живот згаснат во момент, пресечен во она што треба да се најдобри години, години во кој светот е пред тебе. Згаснат поради бес, поради неказнивост, поради негрижа на општеството, поради вредностите кои фаворизираат и ги оставаат вакви ликови на слобода. Симболика на сѐ она што ни се случува, млада и перспективна дизајнерка која создава убавина убиена од дното на нашето општество – неуспешен дилер. Сочувство до семејството за загубата“, напиша Божидар Божиновски.
„Денес, кога прочитав дека повторно на истата улица, кај Универзална, згаснал млад живот, а девојката се вика Фросина, ја почувствував истата болка која ја чувствував дента кога јас ја изгубив мојата Фросина, почувствував како повторно да изгубив некој толку близок, а болката која ја доживеав тој 3ти Април 2015та, денес е исто толку голема. Еднаш поодамна напишав : ,,Да не дозволиме да згасне уште еден младешки здив на таа проклета Партизанска, да не дозволиме да има следна Фросина”. Дозволивме. Прости ни Фросина, не успеавме, не успеавме како луѓе да те спасиме и да не дозволиме повторно да се случи истото – еден млад живот да згасне на еден таков суров начин. Ние како луѓе, молчејќи пред законот дозволивме повторно да се случи ваква трагедија, повторно да изгубиме еден млад живот, повторно дозволивме некој да и ги земе соништатата на една млада девојка, а нејзиното семејство да го остави да тагуваат целиот свој живот. До кога ваквите случаеви ќе се третираат како сообраќајна несреќа, а не убиство? До кога сторителите ќе поминуваат неказнето? Уште колку Фросини ќе го изгубат животот, за да некој разбере дека закон во државава МОРА ДА ИМА! Прости ни, и летај Фросина, а летајќи кон небото обиди се да ни простиш, луѓе сме… не знаеме што правиме“, напиша Исадора Јакимовска.
„Одговорите за тоа како 20-годишниот Васил Јованов е на слобода треба да се бараат во судот – минатата година Јованов е обвинет за две кривични дела, неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Во текот на постапката, тој е во притвор, по предлог на обвинителството. Основниот кривичен суд Скопје пресудува дека тој треба да добие заводска мерка упатување во воспитно -поправен дом Тетово, третирајќи го сторителот како помлад полнолетник. При изрекување на пресудата СУДОТ е тој што ја укинува притворската мерка. Обвинителството се жали на ова и предметот сѐ уште е во жалбена постапка. Додека трае жалбената постапка, Јованов на црвено, пијан и на пешачки премин ја усмртува Фросина. Дали ова можело да се спречи? И тоа како можело! Ако судот го гледал она што го гледало обвинителството – дека иако е „помлад полнолетник“, Јованов не треба да е на слобода!“, напиша Мери Јордановска, новинарка.
„Две семејства. Во едното расте момче кое што на 20 години зад себе веќе има криминално досие, а во другото расте девојче кое што на 22 години е полно со младешки елан, визија за иднина, трудољубие, успеси и љубов кон животот. Две семејства се закопани со еден удар. Едното од тага по изгубеното чедо, другото затоа што создале убиец. Парите имаат моќ да поткупат, но не и да ја вратат продадената душа на ѓаволот. И секое наше дете може да биде Фросина, сѐ додека имаме закон продаден за пари. Ни се случува Кецмановиќ на улица“, напиша Татјана Алексиќ, професорка.
„Како немав моќ сега да завртам два телефони да ги најдам сите потпишани на ослободителни пресуди и намалување казни па сабајле рано да излезам на прес и да ви соопштам дека заради убиството на Фросина уапсени се 10 луѓе. Не само убиецот. Фросина нема да се врати, ама Фросина е секој од нас. Мора да има начин. Притисок од јавност е еден од нив. Не ја заборавајте! Свети силно девојче, можеби ќе спасиш некој“, напиша Миа Костова, инфлуенсерка.
„Паметиме многу трагедии, не паметиме правда за сите тие трагедии. Празни демагогии за што е тоа човечност нема да донесат општество кое нема да лие крв по улиците. Беше Фросина кај „Силбо“, па Викторија пред „Сити мол“, и сега повторно Фросина (верувам дека многу и испуштам). И не е нормално на 20-години да бидеш деликвент со досие. Не е нормално Раде Штекли да ти биде идол. Не е нормално да возиш 130км/час на Партизанска, а уште помалку да се тркаш на булевар. Правосудството ја заборави својата клучна улога – да ги спречи овие дејанија. Дел од правораздавачите си дадоа задача да се пресметуваат по нарачка со граѓаните од чии раце леб јадат. Затоа доверба од 2%. Познавам чесни кадри, пречесни. Со снимање на „Претрес“ слушнав како момче добило 16 години затвор за бакнување девојка. Слушнав како неколку Роми лежат по 6 години затвор за кражба на бакар. Видов драконски казни за финансиски криминал. А се сеќавам и на три години затвор за прегазувањето на Викторија кај Сити мол. Но, не видов правда. Јустиција кај нас ѕирка под превезот. Жалам што не сум таму. И жалам што не сакам да се вратам, а ќе се вратам таму. А да бев, утре ќе се видевме во 13 часот, пред Универзална сала. Само вака се покажува дека сме тука, но и дека сакаме живи и здрави да си ги дочекаме најблиските дома. 13 часот за сите жртви“, напиша Кристијан Ландов, новинар.
