Во 13 часот, Партизанска, кај што загина Фросина ќе биде блокирана: граѓани најавија протест
Граѓани најавија дека денеска излегуваат на протест по смртоносното прегазување на младата Фросина Кулакова, млад дизајнер од Неготино. Тие бараат надлежните да отворат очи. Истовремено, лути се на судијата кој му го укинал притворот на 20-годишниот возач Васил Јованов, кога го осудил за поседување на дрога.
„Утре, освен што ќе ги “бојкотирате” маркетите, појдете на “Партизанска”, пешачкиот кај Силбо, во 13:00 и заедно да го блокираме булеварот!!! Можеби некој од надлежните ќе отвори очи!!! А, и ние родителите, да си ја чукнеме малку главата!!!“, стои во најавата.
Возачот Јованов кој ја усмрти Фросина и претходно имал судир со законот – поседувал дрога.
Кривичниот суд пресудил дека тој треба да оди во воспитно-поправен дом во Тетово, а обвинител барал притвор. Сепак, при изрекување на пресудата за Јованов, оваа мерка била укината. Обвинителот не се откажал од мерката и поднел жалба, за која до овој момент не е одлучено.
„ОЈО Скопје поднесе обвинение со предлог за продолжување на мерката притвор која по предлог на обвинителството беше определена од самиот старт на постапката, и тоа за две кривични дела од член 215 од Кривичниот законик – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која на обвинетиот му изрече – заводска мерка упатување во воспитно -поправен дом Тетово, третирајќи го сторителот како помлад полнолетник. Во текот на целата постапка, токму по предлог на јавниот обвинител лицето беше во притвор, а при изрекување на пресудата Судот ја укина притворската мерка за обезбедување. Незадоволен од пресудата, имајќи го притоа предвид и претходното поведение на сторителот, јавниот обвинител вложи жалба и предметот е во жалбена постапка“, рекоа од Обвинителството.
Граѓаните се револтирани и сметаат дека на Јованов му се прогледувало низ прсти за прекршоците кои досега ги правел и така се загрозувале туѓи животи, меѓу кои и на загинатата Фросина.
Официјалните детали за несреќата ги испратија од Обвинителството.
„Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со ул.„29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка.
Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала“, велат од Обвинителството.