На Кривичен суд не му е јасно зошто јавноста ги поврзува случајот во кој Васил е пуштен од притвор, со смртоносното прегазување на Фросина
Не може да има притвор, при досудена заводска мерка, па затоа Васил Јованов бил пуштен од затворот во Шутка, денот кога бил осуден за неовластено пуштање во промент на наркотични дроги. Ова е ставот на Кривичниот суд, по низата реакции за тоа како судијката Даниела Алексовска Стојановска решила да го укине притворот на ова лице, кое вчера, управувајќи возило без дозвола, а со алкохол во крвта, ја усмрти Фросила Кулавкова.
„Што се однесува до претходните судски постапки кои биле водени против осомничениот, ја информираме јавноста, дека истиот на 31.07.20204 година бил првостепено осуден, со пресуда К.бр. 1439/24 по кој постапувала судијата Даниела Алексовска Стојановска, и тоа за две кривични дела Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци и прекурсори од чл. 215 ст.1 и чл. 215 ст.1 вв со чл. 22 од КЗ со која пресуда заради неговата возраст, со неполни 20 години, а ва согласно одредбите од Законот за правата на децата, судот му изрекол воспитна мерка:
Заводска мерка – Упатување во воспитно поправен дом, каде согласно чл. 48 ст.3 и ст.4 обвинетиот во домот останува најмалку 6 месеци, а најмногу 5 години односно до наполнети 23 години, во која пресуда му се заметува и времено поминато во притвор, по истиот предмет од 02.04.2024 година до 12.08.2027 година. Согласно Законските одредби од ЗКП по досудена Заводска мерка, Мерката притвор не може да опстојува, заради што Јавниот обвинител вложил жалба во однос само на кривичната санкција. Предметот на 07.11.2024 година е доставен на надлежно постапување на Апелациониот суд Скопје, од каде сеуште не е вратен на евентуално извршување“, велат од Кривичен суд.
Тие посочуваат дека лицето не било осудувано, немало други пријави, ниту пак имал сторено прекршоци.
„Согласно евиденцијата на судот истиот не бил осудуван за друго кривично дело и не се водела друга постапка за други кривични дела. Исто така до овој момент до судот не е процесуирана друга кривична пријава, ниту пак прекршочна пријава од областа на Сообраќајот, а лицето е евидентиран, единствено како малолетник во 2021 година кога му е изречена судска опомена заради нарушување јавен ред и мир“, велат од Кривичен суд.
На Кривичниот суд не му е јасно како јавноста ги поврзува првиот случај каде Јованов е осуден за дрога, со случајот кој сега се води за усмртување на Фросина.
„Како суд, изразуваме жалење за загубата на млад човечки живот. Но, имајќи го предвид сето погоре наведено, нејасна е конекцијата кој се создава во јавноста за кривичен предмет кој во прв степен е завршен со Заводска мерка на одредено лице за едно кривично дело, со друго кривично дело кое е сторено 7 месеци потоа. Дали некој во правосудниот систем можел да претпостави дека обвинетиот после 7 месеци од донесената пресуда со која истиот треба да се институцијализира, може да стори друго кривично дело, па заради тоа требало да биде задржан во притвор. Законите во нашата земја како и Меѓународните конвенции за човекови права тоа не го дозволуваат. Дали за системскиот проблем со црните сообраќајни точки, каде не ретко се случуваат сообраќајни несреќи, вината е на судството, ако се има предвид било кој граѓанин кој претходно не бил во судир со Законите, може да предизвика сообраќајна несреќа со жртва заради недозволена брзина, управување под дејство на алкохол и не поседување возачка дозвола. Станува збор за општествен проблем“, додаваат тие.