Скопје

Желби и аспирации многу, кој ќе биде извлечен од барабанот за градоначалник на Скопје?

До локалната изборна трка има повеќе од шест месеци, но партиските штабови засилено работат за да го изберат кандидатот кој би бил добитна комбинација.

Почнаа да се прават и анкети и тоа од партиите, медиумите, подржувачите. А се со цел подобра стартна позиција кај лидерите во изборот на кандидатот за нов општински татко/ мајка.

Од албанскиот политички блок молк.

А лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека завршил процесот на номинирање на кандидати за градоначалници, па ќе започне процес на анкетирање, така што тие официјално ќе се знаат во мај.Но претходно најави дека освен номинирањето од општинските организации право на предлог ќе има и тој и партиските тела.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче пак е на став дека ќе го почитува гласот на членството и симпатизерите и анкетите ќе ги исфрлат нивните фаворити.Тоа би било познато крајот на април или мај.

Атрактивно е градоначалничкото место во Скопје. Во јавноста веќе се вртат имиња на тие кои би сакале да го водат главниот град.
Актуелната градоначалничка Данела Арсовска изјави дека не влегува во трка за втор мандат.

Во зависност кој ја прави анкета или кој е кому наклонет, во ВМРО-ДПМНЕ предност дека ќе биде партиски избор се дава на актуелниот градоначални на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, но кај други предноста е кај министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Во барабанот се вртат и имињата на Коце Трајановски, кој два мандати беше градоначалнил на Скопје, а во третиот обид загуби од Петре Шилегов. Тој или тие околу него го вртат како кандидат и името на Бобан Стефковски, актуелен градоначалник на Гази Баба.

Што се однесува до другите општини, неофицијално, освен во неколку, ВМРО-ДПМНЕ ќе им даде и втора шанса на сегашните градоначалници.

Што се однесува до СДСМ, тие во актуелните немаат голем избор поради дебаклот на локалните избори пред 4 години.

Меѓу кандидатите е претседателот на Градската организација на СДСМ, Ѓорѓи Галетановски, кој веќе изјави дека изборот за кандидат за скопски градоначалник ќе зависи од анкетите или од поддршката на граѓаните. Во медиумските анкети се споменуваат и екс градоначалникот на Карпош, Андреј Петров, Мишко Ралев и Каја Шукова. Многу комбинации се плетат и за скопските и другите општини, СДСМ ќе води тешка битка за избор на кандидати но потоа и во убедување на граѓаните дека ја имаат навистина научено лекцијата и сфатено пораката од граѓаните.

Локалните избори за градоначалници и советници ќе се одржат во месец октомври.

На почеток