Свет

Нарко шеф од Македонија уапсен во Женева: бил баран од 2022 година, обвинуван е за транспорт на хероин

30-годишен Македонец, осомничен дека е водач на нарко-мафија што дејствува низ средна Европа, бил уапсен на аеродромот во Женева на 29-ти јануари, по што бил екстрадиран во Австрија, објави швајцарскиот портал Blick.ch.

Според австриските истражни органи, тој бил баран со европска потерница од 2022 година под сомнение дека организирал шверц на најмалку четири килограми хероин и 1,5 килограми кристал мет. Јавното обвинителство во Линц го смета за клучен член на регионалната мрежа за дистрибуција на дрога.

Македонскиот нарко бос чиј идентитет не е објавен, долетал од Приштина и имал нови документи бидејќи во Македонија си го сменил името. Но, швајцарските гранични власти успеале да го идентификуваат како лице од потерница.

„Уапсен македонец (30), кој допатувал од Приштина. Се претпоставува дека е шеф на нарко-мафија која оперира низ Европа. Јавното обвинителство во Линц, Австрија, го обвинува мажот дека, меѓу другото, стои зад шверцот на четири килограми хероин и 1,5 килограми кристал мет. Затоа 30-годишникот се бара со потерница на ЕУ од 2022 година“, пишува швајцарскиот медиум, повикувајќи се на полициски извори.

На почеток