Снимки пред убиството на Жежовски: Палевски со слушалка, другите со мотороли – се собрале во домот на Велибор Манев


Снимки од домот на обвинетиот Велибор Манев во Велес, покажуваат што правеле тој, заедно со Љупчо Палевски-Палчо и Влатко Кешишов, вечерта на 21.11, односно ден пред да биде киднапиран и убиен Панче Жежовски. Според Обвинителството, ова се моментите кога се планирала реализацијата на грозоморниот чин.
20:57 минути
Велибор Манев пристигнува пред неговиот двор. Од возилото излегува лице и влегува во куќата. Обвинителката тврди дека тоа е обвинетиот Боре Видески со неговото возило „шкода“.
По неколку минути, од возилото „Рено кангу“, од совозачката врата излегол обвинетиот Влатко Кешишов кој исто така влегол во куќата. По него и обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо.
22:26 минути
Излегува Влатко Кешишов во дворот од куќата на Манев и се прекрстува држејќи ранец во раката, а потоа става нешто во возилото. Потоа, со „Реното кангу“ излегува на улица, а Манев со возило „мерцедес“.
По 20–тина минути…
Велибор Манев се враќа со „мерцедесот“ од местото каде што бил и повторно заминува. Во 22 часот и 43 минути Манев ги носи двете туби кон „кангуто“, кое во тој момент е паркирано на улицата.
22:40
Обвинителката посочува дека се гледа Палевски со црна слушалка во увото, како со Боре Видески излегуваат на улица. Кешишев се упатува кон „Реното кангу“, другите чекаат. Видески во раката држи радиостаница, односно „моторола“ и ја тестира. Радиостаница имаат и Велибор Манев и Влатко Кешишев. Од снимките, обвинителката вели дека се гледаат и микрофони закачени на Палевски, Манев и Видески.
Велибор Манев и Жежовски се соседи
Четворицата тргнуваат пешки, токму во правецот на куќата каде живеел Жежовски, тврди обвинителката презентирајќи ги снимките.
22:56 минути
Обвинителката презентирајќи снимки вели дека се гледа како Кешишев се враќа пешки од правецот од кој претходно замина пешки. Две минути подоцна „Реното кангу“ оди кон останатите обвинети.
По околу 30-40 минути…
Се забележува како „Реното кангу“ се паркира пред „Шкодата”. Од него излегуваат Кешишев и Палевски, кој зборува на микрофон што го држи во десната рака. Потоа од правецот од Велес, доаѓаат Велибор Манев и Боре Видески. Тројца влегуваат внатре додека Кешишев се упатува кон „Рено кангуто“, зема кеса и туба и влегува во домот на Манев.
На следна снимка се гледа како сите четворица излегуваат од куќата на Велибор Манев и се качуваат во „Реното кангу“. Се враќаат, па пак излегуваат утрото на 22.11 во 06:33 минути. Ова е денот кога е убиен Жежовски.
Панче Жежовски првично се водеше како исчезнат, додека неговото запалено возило „Цитроен“ беше пронајдено кај Бразда, близу местото каде била закопана Вања. Жежовски беше пронајден закопан кај Рудник, на патот Велес–Скопје, убиен со пиштол.
