Македонија воздржана за „европската“ резолуција за Украина во ОН, отфрлена е и американската, на која сме коспонзор


Во победа на Украина на тригодишнината од руската инвазија, САД денеска не успеаја да го натераат Генералното собрание на ОН да ја одобри американската резолуција со која се бара крај на војната без да се спомене агресијата на Русија, објави агенцијата „Асошиејтед прес“. Македонија, заедно со Унгарија, Грузија и Израел, e коспонзор на овaa резолуција на САД. Генералното собрание ја одобри ривалската украинска резолуција поддржана од Европа, со која се бара Русија веднаш да се повлече од Украина.
Резолуции не се правно обврзувачки, но се гледаат како барометар на светското мислење. Но, тоа покажува и одредена намалена поддршка за Украина, чија резолуција беше усвоена со 93-18, со 65 воздржани. Тоа е пониско од претходните гласови, во кои над 140 земји ја осудија агресијата на Русија.
Соединетите Држави се обидоа да извршат притисок врз Украинците да ја повлечат својата резолуција во корист на нивниот предлог, според американски функционер и европски дипломат кој зборуваше под услов да остане анонимен бидејќи разговорите беа приватни.
Заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Маријана Беца, изјави дека нејзината земја го користи своето „природно право на самоодбрана“ по руската инвазија, која го прекршува принципот на ОН за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција не даде детален одговор зошто е одлучено Македонија да биде коспонзор на американската резолуција.
„Па така одлучивме, дека ќе бидеме коспонзори на Резолуцијата што ја поднесоа Соединетите Американски Држави во Обединетите нации. Очекувам таа да биде поддржана од мнозинството во ОН“, кажа Мицкоски.
