Македонија

На денешен ден се случи кобната авионска несреќа: 21-годишнината од трагичната смрт на Борис Трајковски, македонската делегација, екипажот

Денеска се одбележува 21-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски, членовите на делегацијата и екипажот на авионот.

Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.

Поранешниот претседател Борис Трајковски, шест члена делегација и двајца пилоти загинаa во 2004 година при урнување на авионот од типот „Кингер“ на 15-километри јужно од Мостар. Трајковски дипломира на Правниот факултет во Скопје, во 1980 година, специјализира деловно право и право на работни односи. Повеќепати беше на студиски престој во САД. До 1997 година беше раководител на правната служба во градежното претпријатие „Слобода“ во Скопје. Од 1997 до 1998 година беше шеф на Кабинетот на градоначалникот на Општина Кисела Вода.

Трајковски беше претседател на Комисијата за надворешно-политички односи на ВМРО-ДПМНЕ и главен политички советник за надворешна политика на тогашниот македонски премиер Љубчо Георгиевски. Од 21 декември 1998 година ја извршувал функцијата заменик-министер за надворешни работи на Република Македонија.

На 15 декември 1999 година беше инаугуриран за претседател на Република Македонија. Роден бил на 25 јуни 1956 година во Струмица.

На почеток