Скопје

(Видео) „Прво куче, кој е наредната жртва?“, активисти побараа затвор за убиецот на кучето Феликс

Активисти за правата на животните излегоа на мирен протест пред Кривичен суд и побараа затворска казна за лицето кое го мачеше кучето Феликс кај Момин поток, кое потоа почина. Денес започна судењето за двете лица, меѓу кои е и Љубе, кого Обвинителството го товари дека десетина пати го удирал кучето по главата и телото. На првото рочиште, двајцата обвинети ќе бидат прашани дали чувствуваат вина, по што, ако негираат, ќе им се суди со изведување на докази и сослушување сведоци.

Присутните пред судот носеа транспаренти преку кои испратија пораки.

„Судија, ќе му бидеш ли соучесник на Љубе? Правда за Феликс“, „Душата на Феликс вреди колку човековата!“, Стоп за насилството против животните“, „Мачењето животни е кривично дело, затвор за убијците на Феликс“, „Прво куче, кој е наредната жртва“, пишуваше на нив.

Обвинителството поднесе обвинение на средината од јануари.

„Двајцата соизвршители на 19.11.2024 година го изложиле на непотребни маки и му нанеле непотребни болки, изложувајќи го на страдање кучето Феликс, мажјак, црна боја, на возраст околу една година. Првообвинетиот со тврд дрвен предмет во облик на стап и без оправдана причина започнал да го удира со повеќе удари кучето во пределот на главата и телото, нанесувајќи му тешки повреди. Потоа, заедно со второобвинетиот го врзале со жица и така врзано го влечеле по дворот до контејнер, каде го фрлиле мислејќи дека кучето е мртво. Како последица на повредите, кучето угинало на 07.01.2025 година“, соопштија тогаш од Обвинителството.

На почеток