Удрија по Пендаровски: ги налути со интервју, па го обвинија дека и одмага на Македонија со порака да си троши пензија наместо да дели ум


ВМРО-ДПМНЕ му се налути на експретседателот Стево Пендаровски кој ги нарече аматери доколку мислат дека Доналд Трамп ќе им помогне за да Македонија го надмине спорот со Бугарија. Пендаровски посочи дека САД нема интерес од тоа да се замара со ова прашање. Оттука почнаа реакциите на владејачката партија. Го обвинија дека го навредил Трамп.
„Пендаровски од СДС со директни навреди кон Трамп и САД, дефинитивно СДС го напушти прозападниот курс. Ако Орданоски беше случајност, Пендаровски од СДС кажува дека е тенденција. СДС силно застанува против САД, ако Орданоски го кршеше ледот, Пендаровски сега јасно кажува дека СДС е против САД. Сега станува јасно дека СДС лажно се претставувале како прозападни, а со нетрпение чекале момент да свртат курс. Пендаровски не е било кој од СДС, неговиот став во исто време ја покажува и фрустрацијата на оваа партија кон ВМРО-ДПМНЕ и успешноста со која Владата се позиционираше до САД. Македонија со Владата на ВМРО-ДПМНЕ е верен партнер на САД, а придобивките за државата допрва ќе се гледаат. Македонија е на вистинскиот пат, а СДС како и секогаш до сега е против Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски го обвини поранешниот претседател Стево Пендаровски за неодржување доследност во своите ставови, особено во врска со промените на македонскиот Устав и неговите последни изјави за САД и нивниот новоизбран претседател.
„Пендаровски, ако не може или не сака да помогне на Македонија на меѓународен план, тогаш барем нека не ѝ одмага. Не му треба да ја руши позицијата на земјата. Ако беше искрен во своите обврски, ќе се фокусираше на македонскиот интерес, а не на политички амбиции и споделување ставови со луѓе блиски до Сорос“, рече Милошоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, жестоко го нападна поранешниот претседател Стево Пендаровски, обвинувајќи го дека по десет месеци молк, сега се појавува во јавност само за да го напаѓа премиерот Христијан Мицкоски и поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за американскиот претседател Доналд Трамп.
„Човекот што двапати загуби претседателски избори, вториот пат со историски најголема разлика, сега реши да излезе во јавност и да напаѓа. Наместо да се соочи со сопствениот неуспех, тој арогантно дели ‘ум’ на светски лидери, а самиот не се гледа. Пендаровски кој зема пензија од државата сега го напаѓа претседателот на нашиот најголем сојузник, САД. Дали е тоа патриотизам или чиста фрустрација од изборниот пораз? За мене слушам напишале дека сум претставник на ‘иранско-турско-унгарско’ влијание. Па, замислете, толку ги плашеше ВМРО-ДПМНЕ, што сакаа половина од носителите на нашите листи да завршат на црна листа, само за да се спасат од пораз Стево, троши си ја пензијата и не се брукај. Дружи се со пријателите од Агенцијата за разузнавање додека можеш!“, напиша Николоски на Фејсбук.
