„Бев под дејство на дрога, не сакав да го убијам човекот“, обвинетиот за убиството кај Мавровка призна вина


Обвинетиот Елвин Куртовиќ, призна вина за убиството на 59-годишниот бизнисмен Васил Ефтимов, кое се случи на 20. август минатата година, пренесе Телма.
Куртовиќ, кој издржувал казна затвор, но бил пуштен на викенд и не се вратил во затворот „Идризово“, призна вина и изрази жалење за стореното, и пред Судот кажа дека неколку дена бил под дејство на дрога.
„Не сум добро ниту емотивно, ниту психички. Изразувам каење за кривичното дело. Не сакав да го убијам, се случи несреќа. Бев под дејство на дроги неколку дена, навистина. Претходно лежев за ситни дела во споредба сега со ова. Многу ми е жал, тоа е се што имам да кажам“, рече Куртовиќ.
Куртовиќ не призна вина за другите две дела „нелегално поседување оружје“ и „обид за убиство“.
Неговата адвокатка Софија Лаличиќ побарала најблага можна санкција.
„Точно, мојот клиент уби човек. Но барам да им погледнеме на фактите во очи, а тоа е дека во нашата држава се случуваат многу кривични дела затоа што надлежните институции не си ја извршуваат задачата“, рече Лаличиќ.
