За нови возила државата потрошила 8,5 милиони евра – две фирми највеќе ќаруваат, најскапото го земале во Шутка


Државните институции во 2023 и 2024 година потрошиле вкупно 8,5 милиони евра за набавка на нови патнички возила, дел купени, а дел земени на лизинг, покажува најновата анализа за јавните набавки на на Центарот за граѓански комуникации.
Според податоците, Владата на лизинг набавила 45 возила за сегашните функционери, како и за поранешните премиери и претседатели, при што секое од нив чинело по 50.000 евра. Најскапото возило е набавено од Општина Шуто Оризари за 55.000 евра, додека Општина Прилеп најпрво купила возило за 63.000 евра, но потоа го раскинала договорот.
Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра.
Поединечно по институции, најмногу возила набавиле Електрани на Македонија – 82 возила за вкупна вредност од 2,2 милиони евра. Исто толку пари, но за речиси двојно помалку возила, има потрошено и Владата, преку Службата за општи и заеднички работи, за набавката на лизинг на 45 возила, секое по 50 илјади евра. Следно на листата е Министерството за внатрешни работи, кое набавило вкупно 28 возила за 900 илјади евра. По повеќе од половина милион евра за нови возила потрошиле Агенцијата за национална безбедност, за набавени 23 возила, и Водостопанство, за набавени 15 возила.
Просечниот број понуди од фирмите на тендерите за набавка на нови возила изнесувал 1,4 понуди. На дури 70% од овие набавки имало само по една понуда. Највисок број на добиени понуди на еден тендер бил три, но такви имало само во четири постапки.
– Кога станува збор за фирмите коишто ги добиваат овие тендери, дури 78% од 8,5 милиони евра одат само кај три фирми. Меѓу нив, најголема вкупна вредност на склучените договори за јавна набавка на возила имаат две фирми. И двете оствариле по околу 2,8 милиони евра вкупна вредност на договорите за анализираните две години. Станува збор за Порше лизинг со 2.853.911 евра и Аутомотив груп со 2.744.380 евра. Трета, со 1.062.920 евра е Еуроимпекс. Во оваа група на фирми коишто се издвојуваат според вредноста на договорите за јавни набавки за возила спаѓаат уште и Јосифов со 653.203 евра и Делукс-ауто со 620.985 евра. Сите други фирми што продаваат возила или нудат возила на лизинг имаат значително помали износи на склучени договори за јавни набавки за возила – покажува истражувањето.
Најголемите добитници на договори за набавка на возила се Порше Лизинг и Аутомотив Груп, секоја со договори вредни околу 2,8 милиони евра во последните две години.
