Македонија

Каратистот „смени касета“: Откако призна, сега негира вмешаност во убиствата на Вања и Панче, а памети дека преспал во партијата вечерта пред ликвидацијата на девојчето

Каратистот Боре Видевски, обвинет за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во неговиот исказ негираше било каква поврзаност со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тој пред судот тврдеше дека на средбите со другите обвинети бил со цел да договорат литија против промена на името на МПЦ. Ова негирање дека сторил било што, доаѓа, откако претходно призна вина, како во полиција, така и пред обвинител, па подоцна менуваше ставови. Сега, пред судот рече дека признал вина под присила.

Денот пред да се  случи убиството на Панче Жежовски во Велес, тои посочува дека бил на работа, па дома славел „Св. Архангел Михаил“. Од неговиот адвокат беше прашан, кога сил во домот на Велибор Манев, за што постојат снимки.

„Претседателот на партијата Палевски имаше одредени сознанија дека ќе се смени името на МПЦ-ОА во Црква на Северна Македонија. Ние имавме задача да ги собереме декларациите од цела држава, да се соберат најмалку 150.000 декларации, па да се прават митинзи и литии низ градовите. Првата литија требаше да биде во Велес, претпоставувам дека видеата е една од тие подоготвки“, рече Видевски за снимките, за кои претходно Манев кажа дека се дел од подготовките за грабнувањето на Панче Жежовски.

За снимките од вечерта пред грабнувањето на Вања Ѓорчевска, обвинетиот Видевски рече дека отишол на состанок во партијата „Десна“.

„Разговаравме до доцна, имаше потреба да се најдат простории за активности, дискутиравме за политика. Преноќивме, а спиевме кој кај ќе најде место. Јас легнав во просторијата каде што седевме, на едно душече, Велибор и Влатко спиеја во кујната, а Палевски беше на спратот. Утредента поседовме малку и си отидов“, рече на кратко Видевски, спротивно на исказот на Манев кој кажа дека утрото отишле да го киднапираат девојчето, кое подоцна, Палевски го убил.

Потоа, Видевски почна да зборува за приведувањето на 3 декември, кога беа пронајдени безживотните тела на Вања и Панче. Се жалеше дека го тепале и терале да зборува.

„Ми кажуваа податоци, па ме прашуваа зошто сум го направил тоа, ми рекоа ‘зборувај’, a јас од почетокот им кажував дека не знам ништо, бидејќи не знаев ништо. Ме удираа посилно, не знаев каде да се бранам, ме удираа во ѕид. Ми покажуваа слики од мобилни телефони меѓу кои и од Вања. Тие ја направија изјавата и ме натераа да потпишам“, рече обвинетиот Видевски, тврдејќи дека полицајци го присилиле да каже дека го познава и обвинетиот Александар Ѓорчевски, татко на Вања.

Тој се правдаше дека признал се пред обвинител бидејќи бил под страв.

„Таму (Обвинителство) дадов таква изјава, затоа што бев под огромен страв. Ме прашаа дали имам повреди, реков дека не сум повреден. Оттука ме однесоа во притвор“, посочи обвинетиот Видевски, жалејќи се дека бил тепан и во ќелија откако добил притвор.

Тој призна дека и пред судот признал вина односно го кажал истото што и во Обвинителството и судот.

Сведоштвата на Велибор Манев од претходните рочишта можете да ги најдете тука.

На почеток