Скопје

Прегазени двајца малолетници на пешачки во Карпош 4, на истото место каде има низа несреќи изминатите години

Двајца малолетници беа удрени од автомобил во Карпош 4, на пешачки премин. На лице место е излезена полицијата и јавен обвинител, а местото со саати се обезбедува.

„Денеска (24.03.2025) полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода М.Р.(26) од Скопје затоа што околу 13.50 часот на бул. “Партизански одреди” во Скопје со патничко возило “ауди” со скопски регистерски ознаки, удрил во малолетен пешак и малолетник кој туркал велосипед. Двајцата малолетници со Итна медицинска помош се пренесени во клинички центар “Мајка Тереза” во Скопје за укажување лекарска помош. Извршен е увид од СВР Скопје и надлежен обвинител. По документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава по итна постапка“, велат од МВР.

Станува збор за обележан пешачки премин, каде изминатите години често има незгоди, а имаше и смртно прегазен велосипедист.  Локалците, неколку пати истакнаа барање на местото да се постават семафори.

Пред пет месеци, за влакно беше избегната трагедија. Пред три години, таму загина велосипедист. Друг, беше прегазен минатиот септември.  И пешак беше прегазен на истото место пред три години.

По несреќата пред три години, медиумите известуваа дека сепак возилата и натаму не застануваат на овој пешачки премин.

Граѓаните апелираат на построги казни и повеќе контроли. Дел од нив се залагаат и за поставување на семафори, бидејќи сметаат дека контролите и казните нема да дадат резултати. Случајни минувачи коментираат и дека ретко поминуваат на овој пешачки премин, од страв дека може да бидат прегазени.

На почеток