Свет

Зеленски: Русија подготвува две големи офанзиви напролет

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија се подготвува за две нови големи пролетни офанзиви во регионите Суми и Харков. Во интервју за „Фигаро“, Зеленски рече дека рускиот претседател Владимир Путин се обидува да „купи време“ за да се подготви за нова фаза од војната.

„Можам да потврдам дека Путин се обидува да добие време и се подготвува за пролетна офанзива. Гледаме како се одвиваат подготовките за оваа идна операција“, рече Зеленски.

Тој додаде дека украинските разузнавачки служби ги споделиле собраните информации со западните сојузници.

„Мораме да гледаме на ситуацијата со широко отворени очи. Путин подготвува нови офанзиви, особено во регионите Суми и Харков“, предупреди тој.

Зеленски тврди дека Русија првично ја планирала операцијата пред осум месеци, но дека била спречена од украинската операција во областа Курск.

Да потсетиме, пред девет дена, портпаролот на украинската оперативно-тактичка група Север, Вадим Мисник, изјави дека има зголемено присуство на руски единици долж границата со Суми кои претходно учествувале во борбите во областа Курск.

Два дена подоцна, на 20 март, Зеленски рече дека Русија собира сили на фронтот Сума, обидувајќи се да ја потисне украинската одбрана од насоката Курск. Во исто време, тој нагласи дека украинските сили „неочекувано преземаат чекори во друга насока“.

Украинскиот функционер Андриј Демченко пред три дена изјави дека руските диверзантско-разузнавачки групи се обидуваат да ја прошират својата зона на операции кон внатрешноста на Сумиската област, префрлајќи ги борбите од областа Курск на украинска територија.

На почеток