Расте бројот на загинати во земјотресот во Мјанмар, сега e над 3.500 лица


Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мјанмар пред десет дена се искачи на најмалку 3.515, а 210 лица се уште се водат како исчезнати, покажуваат податоците што во понеделникот ги објави војската на Мјанмар.
Повеќето од жртвите се во и околу Мандалеј, вториот по големина град во Мјанмар. Таму загинаа повеќе од 2.100 луѓе.
Продолжувањето на работата на спасувачките служби го отежнуваат обилните дождови и ветрови кои ги оштетија шаторите и теренските болници на меѓународните тимови. Метеоролозите предупредуваат на можност од поплави и одрони поради претстојната врнежлива сезона.
Властите прогласија крај на операциите за пребарување и спасување и го пренасочија својот фокус на извлекување и расчистување на остатоците. Извештаите укажуваат дека мртовечниците се преполни и масовно кремирање се врши на отворено, јавува ДПА.
Во многу погодени области, смрдеата на трупови е во воздухот, што го отежнува престојот на хуманитарните работници и жителите. Поради многуте последователни земјотреси, дел од жителите се плашат да се вратат во своите домови, па спијат на отворено.
Покрај новите земјотреси, состојбата ја загрозува и честото губење на интернетот, што ја прекинува комуникацијата и воздушната координација.
Во делови од Мјанмар ситуацијата е катастрофална. Весникот Иравади пишува дека повеќе од 80 отсто од инфраструктурата на Сагаинг Сити е уништена.
Хуманитарната ситуација останува тешка, пред се за ранливите групи во таа земја погодени од внатрешни конфликти.
