Нов протест в четврток: Два месеци бараме промени, но ништо не се менува! По четири протести, несреќите се зголемија


Нов протест, во четврток од 18 часот, закажаа од организацијата „Кој е следен?“. Тие посочуваат дека два месеци бараат промени, но ништо не се менува, освен што несреќите се зголемуваат. Според нив, има уште повеќе неправда. Тие порачуваат, „системот заборава, но не и ние“. На објавениот плакат, во заднина се испишани случаите за кои се бара преиспитување на правосудните одлуки: модуларна болница, Онкологија, Дурмо Турс, но и случајот Кочани кој сега е во фаза на истрага.
„Ние ја паметиме секоја колективна траума што политичарите ја користат за поделби. Секоја лага што ја шират за да нè исплашат, секоја неправда со која сакаат да нè замолчат. Тоа што нѐ напаѓаат, значи дека нѐ слушаат и ни потврдуваат дека ја зборуваме вистината, а вистината ги вознемирува само оние што профитираат од нашето секојдневно страдање. Два месеци бараме промени, но ништо не се менува! По четири протести, несреќите се зголемија. По три форуми, неправдата порасна. По одржаното Народно Собрание, пратениците станаа уште потивки. Во изминатите два месеци, ние покажавме дека сме гласот на сите што беа понижени, игнорирани и обесправени во овие 35 години. Затоа, ако си работник што гине на работно место без основни работни услови, мајка што не спие додека детето не се врати дома, младо лице што заминува затоа што нема за што да остане, студент што плаќа за „бесплатно“ образование, доктор што работи со скршена опрема, учител кој е оставен сам на себе, пензионер што одвај преживува, ако си граѓанин на кој системот му го одземал достоинството – ова е твојот повик. Системот што требаше да нè заштити, нѐ остава да умираме. Пратениците кои треба да нѐ претставуваат, нѐ оставија да се претставуваме сами, судиите кои треба да донесат правда, ја одложуваат додека таа не стане бесмислена. Време е да се разбудиме. Време е да го промениме системот. Ова не е марш на „Кој е следен?”. Ова е повик за здружување, против заедничкиот непријател, системот кој сака да заборавиме.
Но, ние не забораваме. Ние паметиме. И затоа, не заминуваме. Не се повлекуваме. Излегуваме на улица. Повторно. Погласно. Појасно“, стои во најавата.
Збирното место овојпат е пред Влада. Оттаму, се оди до Судскиот совет чие седиште е близу Рекорд, потоа до Собрание и се завршува пред Кривичниот суд во Скопје.
