Се затвора ТВ Клан Македонија: Ова не е изненадување, туку очекувано – боли судбината на работниците кои вложиле време и труд


Телевизијата „Клан Македонија“ се затвора. Ова доаѓа по скоро седум години откако таа влезе на македонскиот медиумски пазар. Еви Шкопи, позната презентерка и новинарка која работеше во овој медиум, вели дека затворањето не е изненадување.
„Затворањето на ТВ Клан Македонија не е изненадување. Иако се претставува како такво, тоа беше очекувано. Брод со премногу дупки на дното – неминовно тоне. Она што навистина боли е судбината на медиумските работници – професионалци кои со години вложувале труд, време и енергија во проекти што често се покажуваат како краткорочни експерименти, изградени врз нејасни стратегии и моментални амбиции. Во овој нестабилен медиумски пазар, новинарите, техничарите, продуцентите се претвораат во лабораториски глувци на туѓи експерименти. А кога експериментите пропаѓаат, последиците најсилно ги чувствуваат токму тие – луѓето кои работеле со мисија, за да информираат, да подигнат свест, да придонесат за подобро општество. Време е за поголема одговорност и сериозност во градењето медиуми. Медиумот не е играчка – тој е столб. А оние кои го држат тој столб заслужуваат достоинство“, напиша Шкопи.
Клан е една од најгледаните телевизии во Албанија. Од 2024 година има нов сопственик.
„Скопје1“ се обиде да добие став од менаџментот на телевизијата преку мејлот што е оставен на веб-страницата, но безуспешно.
