(Видео) Повторно ги нема сите лекови за болните од рак, сликата иста – гужви и недостаток на персонсал


Повторно неизвесност и страв кај пациентите кои се борат со ракот.Пациентите на Онкологија повторно се соочуваат со недостаток на лекови од чие редовно аплицирање зависат нивните животи.
Една недела, на Онкологија нема дози од биолошкиот лек Palbosiklib, а сега се јави недостаток и за биолошкиот лек биолошкиот лек Bevacuzimab (Авастин). Остри реакции од пациентите, додека надлежните смируваат и велат дека процесот на набавка е во тек. Најголеми реакции предизвика кусокот на Авастин, бидејќи е лек кој го земаат огромен број од пациентите кои се борат со канцер.
„Таа терапија се прима два пати месечно, значи пациентите ќе пропуштат два третмани со терапија. Терапијата е неопходна за одржување во живот. Прескапа е приватно, но не сакав мајка ми да остане без терапија и отидов во аптеката ‘Пановски’ и ја купив. Парите не се рефундирале, бидејќи не знам, нешто не била на некаква си листа. Во аптеката на Онкологија ми рекоа дека ќе ја нема скоро три недели“, пишува син на заболена од канцер.
Но освен биолошката, нема ниту хормонска терапија во аптеките.
„Навистина не знам како повторно се доведовме во истата ситуација, а тоа е да се доцни со тендерот. Тендерот беше многу доцна објавен, не знам од кои причини бидејќи ние веќе во почетокот на февруари знаевме дека терапија нема да има доволно, само се надевам дека откако веќе е почната процедурата дека ова нема да се одложи по празниците и дека ќе успеат да го завршат бидејќи се чека од Министерството за здравство сега, за пациентите да добијат терапија пред празниците и не се одложи да биде веќе први мај, бидејќи дел од терапијата ја снема некаде околу 15 март што значи би биле оставени месец и половина без терапија”, вели Ана Марјановиќ од Здружението Хема Онко.
Од Клиниката за онкологија и радиотерапија пак велат дека течат роковите за набавка.
„За ароматаза инхибиторите (letrazol и anastrazol) ќе бидат достапни во сите аптеки бидејќи се на позитивна листа на ФЗО. Во однос на palbociclib и bevacuzimab – штом го потпишеме договор, веднаш ќе бидат достапни да се земат/аплицираат од клиниката. Моментално течат законските рокови на јавната набавка“, вели директорот и доктор Игор Стојков.
Првиот човек на Фондот за здравство вели дека се работи за технички проблеми во Бирото за јавни набавки и уверува дека до велигденските празници проблемот ќе биде решен.
„Заради технички проблеми во Бирото за јавни набавки односно промена на системот се доцнеше со тоа, тендерот е отворен и очекувам пред велигденските празници сите лекови да бидат достапни во стабилни количини за наредните 12 месеци”, изјави Сашо Клековски директор на ФЗОМ.
Огромен и тежок проблем се турканиците и нечовечките услови на Клиниката поради голем недостаток од персонал.
Иако буџетот за онкологија, според ветувањата е двојно зголемен, на клиниката се уште нема нови вработувања.
Нема ништо ниту од онколошко одделение во Градската болница „Осми септември“ каде е лоциран и акцелераторот кој беше набавен и промовиран уште пред три години. Со отворањето на ова одделение требаше да се олесни притисокот врз онколошката клиника.
Во Претрес кој го насловивме ,, Крик за живот” говоревме и ви пренесовме многу болни сведочења, гужви во ходниците во кои не може ниту воздух да се земе, за недостигот од лекови и персонал.
Погледнете ги на следните линкови:
