(Видео) Палевски сведочи: Ниту сум монструм, ниту сум убиец, киднапиран сум од судот, медиумите се корумпирани


Љупчо Палевски-Палчо почна да го дава својот исказ за обвинението каде се гони дека направил план и ги убил Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. На стартот почна да објаснува што правел во ноември, месецот кога се реализирале двете ликвидации. Неговата теорија е дека тогаш објавувал многу сензитивни документи, кои ги објавувал сам и на своја одговорност. Во одговор на првото прашање го даде и одговорот, зошто го одложил поткастот на 26.11, ден пред Вања да биде убиена.
View this post on Instagram
Адвокатот Јовица Страшевски: Палевски, можете да ни се претставите кои сте?
Обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо: Регистрирав политичка партија и ме избраа за претседател. Интензивно 20 години се занимавам со политика, претходно правев згради. Во ангажманот, она што е во интерес на овој судски процес, ќе објаснам за последниот месец, ноември. Претходно бевме многу конфронтирани како политички субјект со актуелната Влада и со политичките процеси кои се случуваа во ноември месец. Организирав и собрав потписи за распишување на референдум, за народот да се изјасни за Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Сметав и сметам сѐ уште кога се работи за историја и идентитет на еден народ, не може да биде политичко прашање за ниту еден субјект во државата, туку референдумско изјаснување на народот. Тоа беше брза акција во првите две недели од ноември 2023 година. Барањето беше формално одбиено од тривијална (неважна) причина од собраниската комисија. Потоа беа скенирани 50.000 декларации подготвени за предавање на оригиналите на повардарскиот епископ Агатан. Во исто време се организираа штабови, општински организации, на политичката партија Десна. Во исто време секој вторник/среда/петок/сабота и недела емитував програма во живо на неколку социјални платфори. Секој вторник во 10 часот одеше поткаст ‘Лицеум’, во среда ‘Крш дебата’ од 21 часот, во петок извршен комитет на партијата на апликацијата Зум. Имавме четири членови од Македонците во светот, па извршните комитети мораа да се емитуваат преку апликацијата Зум. Во ноември месец, освен оваа активност, заврши и проектот ‘Банкстери’ за перење на пари во Македонија, во официјални банки, поддржано од Народна банка, проект кој започна со емитување на 28.11 во 21 часот, а требаше да биде на 26.11 во 21 часот. Од причини што доцнеа неколку докази, изводи од сметки, свифтови за мега трговци со оружје од Иран кои имаа депозити во македонски банки не беа пристигнати сѐ уште тие докази, кои воедно биле последни докази кои недостасуваа, тоа беше причината за одлагање на последниот ‘крш 113’ како епизода од редовен поткаст. Во тој серијал на документи и криминал беше објавен само мал дел, оти потоа бев уапсен, а таму се наоѓа и причината за убиството на Никола Младенов. Се работи за фирма од Велес, ‘Широко езеро’ преку која се испумпани огромен број пари надвор од Македонија. Објавени се во ноември месец, 540 милиони долари, од кои сметки со веродостојни податоци, 420 милиони долари во Комерцијална банка Скопје на име на ирански државјанин замрзнати средства од Стејт департментот. И 120 милиони долари на истото лице во Капитол банка во Македонија. Во тие документи се содржани и лични податоци на иранскиот државјанин, но ја објавивме и одлуката за замрзнување на тие средства во Македонија затоа што иранскиот бизнисмен продавал шахи кинески дронови на Руска федерација и не успеав да ги објавам доказите. Средствата се прилив од Србија. Потоа требаше да следат докази дека Македонија е најголема перална по Швајцарија – но, не со видеа од двор, туку со официјални банкарски документи и докази. Сето тоа го правев сам и на своја одговорност. И сето тоа од ноември 2023 година е најдобра слика за мојот лик и дело.
Адвокатот Јовица Страшевски: Почнувајќи од првите прес-конференции на МВР и Обвинителство до ден денеска се носи тој товар за тебе дека си монструм и убиец. Би сакал јавно да те прашам дали се чувствуваш лично како што те прикажаа на првите прес-конференции на Обвинителство и МВР и по медиумите, дека си монструм и убиец? Барам конкретно и јасно да одговориш.
Обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо: Ниту едното, ниту другото. Мотивите за таквото однесување, суспендирање на правото на невиност се додека не се докаже вината, пресумцијата на невиност не постои. И тоа бидејќи шефот на скопското Јавно обвинителство, Гаврил Бубевски и Оливер Спасовски се директно одговорни за перењето пари во Македонија. Спасовски дал согласност како министер за внатрешни работи ирански државјанин шверцер со дронови да отвори нерезидентна сметка во НАТО банки на Македонија. Токму таа одговорност и сериозен криминал според износите, депонирани во Македонија и нејзините банки – тоа е сосема доволна причина да се изврши морален атентат на еден човек, се компромитира човекот во целост, а инструментот ‘по слушнат глас’ да реагира Обвинителството – не постои. Не реагираат. Идентично како и за оружјето во овој судски процес. Медиумите се комплетно корумпирани од банкарскиот сектор и без поддршка од банкарскиот сектор нема да постојат. Една и пол година врескаат дека докази има, јас додека бев во Турција за тој период имав турски адвокат кој ме застапуваше пред турскиот суд и ме извести, ми даде принтана копија од вестите каде бев опишуван како што бев опишан. На прес-конференција одржана на 05 декември кога е поднесена кривичната пријава, гледам денеска дека постоело само едно вештачење. Јавното обвинителство до подигање на кривичната пријава го има вештачено само телефонот на убиенот Панче Жежовски и тоа две вештачења за папиларни линии и ДНК. Сите останати вештачења се по прес-конференцијата правени. Одговорено е кој ги брифирал со лаги медиумите, па како пример ќе наведам: Сведокот Гоце Трајковски на Каришиќ му праќал скринови од некакви инфлуенсерки од Миа Костова, новинарката Мери Јордановска, кои тврдат дека јас сум бил очув на Вања. Сето тоа го пласирал на оваа багра позади стаклото, на корумпираните медиуми. Позади мене сместена е професија која егзистира крајно непрофесионално без ниту еден доказ, како што предмалку кажав, шпекулации од луѓе како посочениот Гоце Трајковски. Такви лаги се истурени во огромна количина. Во исто време, директорот на затворот КПУ Скопје вршел приватни истраги, ги тепал и испрашувал обвинетите, а сите разговори во порака се праќани на Гоце Трајковски. Во доказот 151 самиот Гоце се фали на инспектор Каришиќ што се дознало преку неговиот брат Сокол. Така се хранети медиумите со лаги кои сметам дека биле должни да ги проверат, за да се заштити не само мојот интегритет, туку и интегритетот на убиеното дете. Но тоа не го направија. По една и пол година од настанот не постои наслов во медиумите каде монструмот го посочува оружјето, каде постои веројатност со него да е сторено ова кривично дело. Таков наслов во нашите релевантни медиуми не постои. Самата политика на Десна е причина за ваквиот однос на медиумите, бидејќи сме единствена политичка партија која покренала иницијатива за референдум за многу болно прашање, во однос на бугарската агресивна политика кон нашата држава. Ова е брутален медиумски линч кои се под контрола на СДС и ДПМНЕ. Организацијата отиде и подалеку од наслови, па друга една професија што се нарекува адвокат јавно преку медиумите се прозиваа да не ме застапуваат. Подоцна ќе објаснам зошто е тоа правено. И ќе докажам како сум киднапиран од овој Основен кривичен суд-Скопје1.
Распитот е во тек. Повеќе детали во следните извештаи.
