Курти поднесе оставка од премиерската функција во Косово


Косовскиот прмеиер Албин Курти денеска писмено поднесе оставка од функцијата, пишува Клан Косова. Курти испратил писмо до Секретаријатот на косовското Собрание. Согласно законот, оние кои добиваат мандат за пратеници и истовремено имаат функции во Владата на Косово, како премиер, вицепремиер, министер или заменик министер, мора да поднесат оставка од владината функција.
„Од 23 март, кога истече полниот четиригодишен мандат на нашата влада, таа функционираше како техничка или во оставка. Заради полагање заклетва за пратеник во деветтиот состав на парламентот на Косово, со ова и официјално ја доставувам мојата оставка“, стои во писмото што Курти го испрати до спикерот на парламентот.
Конститутивната седница на косовското Собрание денеска беше прекината откако не беше усвоен извештајот на комисијата за верификација на пратеничките мандати. Неизвесно е дали на денешната седница ќе биде избран претседател на Собранието.
