Ред солзи, ред аплауз на вчерашната изведба на „Бог на колежот“, каде во публика беа гимназијалци од Кочани


Ред солзи, ред аплауз. Вака изгледаше атмосферата на претставата „Бог на колежот“ во МНТ, чија публика беа гимназијалци од Кочани, градот кој е завиен во црно. Тие купија 250 карти за да ја гледаат претставата на 19 март, но по трагедијата, изведбата се откажа. Режисерката на претставата, Весна Петрушевска, фотографиите ги објави на социјалните мрежи.
„Беше убаво, емотивно, нешто што не се опишува со зборови. Директорот на МНТ, Никола Кимовски е дел од оваа приказна и на чело на оваа приказна. Ние како МНТ, како глумци, професионалци ја прифативме приказната. Благој Веселинов и Наталија Теодосиевa се од Кочани, играат и Дарија Ризова и Ѓорѓи Јолевски.“, рече Петрушевска, режисер на претставата.
На крајот од претставата, тинејџерот Максим Арсов кој бил во публиката запеал, а актерите и публиката имаа простор да се запознаат и разговараат. Оваа изведба на „Бог на колежот“ ја обележаа и транспарентите на кои пишуваше „Благодариме МНТ“ и „Кочани“.
