Македонија

„Доколку се случи уште еднаш вакво нешто, ќе поставам бранител по службена должност“, рече судијата откако адвокатот на Палевски не дојде на судење

Судијата Ивица Стефановски, кој го суди предметот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, закажа две нови рочишта, предвидени обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо да продолжи со давање на исказ за ужасните настани. Ова доаѓа откако денешното рочиште се одложи поради отсуство на Јовица Страшевски, адвокат на Палевски.

До Кривичен суд, била доставена документација од Страшевски во која се наведува дека тој не може да присуствува поради здравствен проблем кој вчера му бил дијагностициран. Судијата рече дека ова е прво одлагање и дека судот ќе има разбирање, но нема да дозволи да се повтори.

„Доколку се случи уште еднаш вакво нешто, ќе поставам бранител по службена должност“, рече судијата Стефановски.

Според досегашната динамика на судењата, расправите требаше да завршат до крајот на месец мај, а веќе во јуни да може да се донесе пресуда. Одлагањата на рочиштата од било која причина ќе го успорат процесот. Палевски претходно имаше двајца адвокати, но еден од нив, Маријан Витанов, има откажано полномошно. Остана Страшевски.

Во поткастот „Претрес со Ландов“ тој кажа дека го брани Палевски поради уверувањето дека е невин. Истовремено, беа анализирани сите докази кои укажуваат дека Палевски учествувал во делата.

На почеток