Скопје

(Фото) На „Улици и патишта“ им ја исклучија па вклучија струјата оти должат за сметки, а дел од вработените штрајкуваа барајќи ја платата

Наместо на работните места, дел од вработените во јавното претпријатие „Улици и патишта“ работниот ден го поминаа пред дирекцијата, од каде побараа плата која не е исплатена и по законски утврдениот рок односно до 15-ти во месецот.

Истовремено, цел ден молк од Град Скопје и директорката на претпријатието Ивана Трајкоска за тоа зошто повторно доцнат платите. А додека пред дирекцијата беа вработените, дојдоа и вработени во ЕВН и ја исклучија струјата поради неплатени сметки. Претседателот на синдикатот КСОМ Марјан Ристески за „Скопје1“ вели дека ако утре до 09 часот платата не биде исплатена кај работниците, ќе излезат да протестираат пред градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсоваска.

„Денеска вработените во Улици и патишта не ја добија платата и затоа донесоа одлука утре да почекаат до 9 часот, ако нема плата ќе се организираат и ќе протестираат пред градоначалничката на Град Скопје. Срамно е и жално пред ваков голем христијански празник да нема плата, дури можеше да даде аконтактивно некој денар за да го одбележат со својата фамилија, меѓутоа очигледно нема слух за граѓаните. Жал ми е, таа директорката не сакаше да разговара со нас, да нѐ прими на разговор. Се затвори во канцеларија. Струја немаа вработените. Не знам што е, дали е свесна дека го губи мандатот па кренала раце од Град Скопје, меѓутоа проблем имаме како вработени и во текот на утрешниот ден ќе Ве известиме што ќе правиме понатаму“, вели претседателот на синдикатот КСОМ Марјан Ристески за „Скопје1“.

Дека струјата им била вклучена, како и дека се планира да им се вклучи како резултат на подмирување на долгот, ни посочија и до ЕВН.

„ЈП Паркови и зеленила – Скопје беше исклучено поради неплатен долг. Електродистрибуција е во комуникација со претпријатието и истото ќе биде повторно приклучено за брзо време, како резултат на подмирување на долгот“, велат од ЕВН за „Скопје1“.

Истовремено, на меморандум од ЈП „Улици и патишта“, на огласната табла осамна обраќање до вработените, под кое стои потпис и името на в.д директорката. Во него, се најавува одговорност за неоправдано нарушување на работниот процес.

„ЈП ‘Улици и патишта’-Скопје е јавно претпријатие кое врши дејност од јавен интерес, дејноста ја врши трајно и без прекин и секое нарушување на работниот процес нанесува штета на претпријатието. Секое неоправдано нарушување на работниот процес, ќе се бара соодветна заштита согласно законот“, стои на листот со меморандум, на огласната табла, кое го фотографирале вработените.

Ова не е првпат вработените да штрајкуваат оти немаат плата на сметките согласно законскиот рок. За истово ги алармираа медиумите во ноември минатата година, по што добија исплата. Во декември излегоа пред Град Скопје и ја повикаа Арсовска: „Нека ни даде плата да и купиме цвеќе за роденден“, оти токму тој ден таа славеше роденден.

(Видео) „Нека ни даде плата да и купиме цвеќе за роденден“, вработените од „Улици и патишта“ на протест, Данела ја слави 45-та година

Став побаравме од Град Скопје кој е основач на претпријатието, а со кој раководи градоначалничката Данела Арсовска. Прашавме зошто повторно доцнат платите, дали е точно дека вработени добиле закани од в.д. директорката дека ќе им испорача откази оти одбиле да работат, како и кога вработените ќе добијат плата. Одговори не добивме до моментот на објавување на овој текст. Молк и од менаџментот на ЈП „Улици и патишта“, каде ги упативме истите прашања.

На почеток