Вработените во културата ќе слават Велигден без плата, Министерството чека пресметки од колегите во Финансии


Вработените во културата останаа без плати за најголемиот христијански празник, Велигден.
„За државата и институциите или е спорно усогласувањето со минималната плата, според КД за култура, или се спорни 10% според општиот колективен договор дадени пред 2 години на цел јавен сектор без исклучок. Иако и двете права законски им следуваат на вработените во културата беа пуштани спинови дека културните работници не ја заслужуваат платата што ја земаат, дека не работат ништо, се манипулираше со висините на платите во културата и сл. Цел март и почетокот на април наративот насочуван спрема вработените во културата беше дека платата која ја земаме е незаконска, потоа неуставна, дека КД за култура е истечен, дека е штетен, дека вработените треба сами да се откажат од своите права. Следеа и стандардните игри со пресметките за плата, кои институциите ги направија според законите и колективните договори, но кои не беа прифаќани од Министерството за култура и беа враќани назад. Според КД за култура платата требаше да се исплати до 10ти во месецот, а според законите во Република Македонија до 15ти. Вчера беше 17ти и последен работен ден пред продолжениот викенд во очи на најголемиот Христијански празник Велигден, а плата за сите културни работници немаше. Нема никакво официјално образложение зошто, само бледи, нелогични, неповрзани и конфузни изјави на министерот за култура по различни медиуми. Во еден медиум ги обвини институциите за ненавремено изготвување на пресметките, а во друг кажа дека тие како министерство на 11 април одлучиле дека ќе ја исплатат платата „како и до сега“, за да не доцнела, па „ќе сме се договарале за понатаму“, велат од Синдикатот на културата на Македонија.
Од Министерството за култура и туризам велат дека вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат платите со потребното зголемување во првите два работни дена следната недела, согласно Законот и Колективниот договор.
„Причините за доцнењето се заради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финанасии, стои во соопштението од Министерството за култура и туризам“ велат оттаму.
