Магазин

Љутков им се извини на вработените во културата оти останаа без плати за Велигден

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, се извини на колегите кои Велигден ќе го дочекаат без плата.

„Како ваш колега и министер за култура и туризам, сакам искрено и длабоко да Ви се извинам поради тоа што се случи – платите да доцнат и да не бидат исплатени пред Велигденските празници. Свесен сум дека тоа е голем проблем кој предизвика непријатност за Вас и Вашите семејства, уште повеќе што ова треба да се денови на радост и семејна прослава. Искрено жалам што дојде до ова доцнење и покрај сите мои напори да се стигне на време. Причината за ова е долгогодишниот, нерешен проблем со усогласувањето на платите на вработените во културата што пак секоја година создава огромни проблеми. За конечно и трајно да го надминеме овој предизвик мораше да се усогласат сите засегнати страни, што не било пракса во минатото и сето тоа за жал, доведе до доцнење со исплатата“, напиша Љутков и додаде:

„Ве уверувам дека оваа постапка која се одвиваше деновиве има за цел да создаде основа за подобро, поправедно и достоинствено вреднување на нашата работа во иднина. Ви се заблагодарувам на трпението, разбирањето и професионалноста што ја покажувате.
Од мое име Ви се извинувам и Ве уверувам дека посветено работиме ваквите ситуации никогаш повеќе да не се повторат“.

На почеток