Македонија

Таравари спремен за во опозиција, Меџити го спакува за да го испрати од Владата, а се јави и Села

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити вечерва изјави дека на неговиот коалиционен партнер од ВЛЕН, Арбен Таравари, не му е местото во Владата доколку се решил на соработка со ДУИ. Штом посакува таква соработка, како што рече Меџити во интервјуто за ТВ Сител, Таравари самиот треба да го објави тоа, не криејќи го од членството и јавноста.

„Сметам дека не му е местото во Владата штом сака соработка со ДУИ. Тоа се коси со политиките и принципите на формирање на оваа Влада, а тоа е борба против корупција, враќање на правната држава и другу начела. Ние сите се сплотивме околу идејата да донесеме промена, плурализам, демократија во албанскиот кампус, борба против корупција. Сите сè уште стоиме на тоа освен господинот Таравари, кој од индивидуални и партиски причини излезе на површина дека подолг период неколку месеци, има состаноци и соработува со ДУИ. Нашиот став е дека не може да биде дел од ВЛЕН и да соработува со ДУИ“, вели Меџити.

Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека повеќе не гледа простор за соработка со коалицијата Вреди и дека не ја исклучува можноста за предизборна соработка со Демократската унија за интеграција (ДУИ) во вториот круг од локалните избори. Во гостување во емисијата „Стадион“ минатата недела, Таравари посочи дека веќе имал комуникација со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Со Ахмети не сум се сретнал, но сме се слушнале по телефон. Начелно мислам дека треба да одиме сами, но не ја исклучувам можноста во втор круг некаде со ДУИ да се поддржуваме. Ние не сме родени во Влада. Ако сметаат дека треба да бидеме во Владата, ќе продолжиме. Ако не – ќе одиме во опозиција. Генерално, ние сме заинтересирани да продолжиме во Владата, но тоа зависи од премиерот“, рече Таравари.

Се огласи и Села.

„Да ја напуштат Владата и нека дојдат да се обединиме за да направиме доволен притисок. Да одиме и на предвремени парламентарни избори, заедно со локалните. За да постигнеме влада која нема да се соочи со политички субјекти што се избрани според желбата на овој или оној политички камп, туку ќе бидат таму за да реализираат 6, 7, 8 работи кои се во интерес на Албанците. Имаме неколку приоритети кои се веќе дефинирани во политичките програми, а сега ни се додадоа уште. Треба да се договориме, да, и за начинот на кој ќе се владее. Дали во иднина Владата ќе се формира со Бадинтер?“, изјави претседателот на Алијансата за Албанците, дел од Европскиот фронт, Зијадин Села во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 за коалицијата Вреди.

На почеток