(Видео) Семејствата неутешни: Солзи низ кочанските улици, се бара одговорност од сите инволвирани за загинатите деца: Имате ли доблест да признаете вина?


На пороен дожд, семејствата на загинатите и кочанчани излегоа да бараат правда за загинатите. Се обратија до сите институции, бараат само правда. Тие се револтирани, сметаат дека институциите пофрлиле, а Македонија само глуми држава во моменти кога граѓаните не се заштитени.
Пред Општина Кочани, тие ги прашаа инспекторите, дали столчето им е толку удобно, па не работат на терен?
„Инспектори, дали ви е потребна обука од наша страна за ова што е од ваша надлежност. Или пак ќе излезете со полни торби гардероба од споредна врата, ќе ве носат на ручеци? На секој од нас ни било барано мито. Дали тоа вреди повеќе од животот на нашите деца?“, ги прашаа семејствата.
Порака имаше и до полициските службеници.
„Имате ли доблест да си ја признаете вината за таа кобна ноќ или тоа не ве учеле? Секоја недела нашиот марш е уредно пријавен во МВР. Дали концертот на ДНК, монструмот го пријавил до надлежните институции, дали вие требаше да бидете таму по службена должност, бидејќи имало реклами, а децата поради тоа беа присутни таму?“, праша родител.
