Македонија

Денес продолжува судењето за убиството на Вања и Панче со прашања од обвинителството кон Палевски

Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска во 10 часот во Основен Кривичен суд Скопје со сведочење на обвинетиот Љупчо Палевски на вкрстени прашања од Обвинителството и одбраната на останатите обвинети.

Во својот исказ Палевски на изминатото рочиште повторно ги оспори обвинувањата против него, тврдејќи дека доказите на обвинителството се нецелосни и манипулативни.

Палевски негираше вина дека учествувал во грабнувањето и убиството на Вања и Панче. Тој тврди дека на денот на убиството на Вања бил во банка да плаќа сметки, по што отишол на пазар на купи грејач за котел, па се вратил во седиштето на политичката партија „Десна“ каде имал состаноци со членови од партијата. Палевски, исто така, тврди дека не го возел „ситроенот“ на Жежовски, ниту дека некогаш бил во неговата куќа.

Палевски е последниот сведок кој треба да сведочи, откако претходно, покрај сведоците на Обвинителството, беше сослушан таткото Александар Ѓорчевски, како и останатите обвинети. Обвинетиот Велибор Манев ги образложи грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, посочувајќи дека главен организатор бил Љупчо Палевски. Боре Видевски го негираше своето учество во настаните, додека Влатко Кешишев посочи дека тој не сведочел на истите, бидејќи најчесто му била давана задача да чува стража.

На почеток