Официјална потврда од Северна Кореја дека нејзини војници се борат во руско-украинската војна


Северна Кореја првпат потврди дека испратила војници да се борат за Русија против Украина. Државната новинска агенција КЦНА објави дека севернокорејската војска им помогнала на руските сили целосно да го ослободат рускиот регион Курск, каде што Украинците упаднаа во август минатата година, заземајќи стотина населени места.
Објавата на Пјонгјанг дојде неколку дена откако шефот на руската војска Валери Герасимов го пофали херојството на севернокорејските војници, што беше прво признание дека тие се вклучиле во војната против Украина.
Украински и западни функционери веруваат дека Северна Кореја испратила околу 11.000 војници во Русија, од кои најмалку илјада загинале во изминатите три месеци.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска му се заблагодари на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун за испраќањето на неговите војници да се борат на страната за Русија, а против украинските сили во руската област Курск.
„Рускиот народ никогаш нема да го заборави подвигот на севернокорејските борци на специјалните сили“, рече Путин, изразувајќи уверување дека односите меѓу Москва и Пјонгјанг ќе продолжат да се зајакнуваат на сите фронтови.
Тоа е првпат Москва да го призначе учеството на овие војници во војната.
Северна Кореја почна да испраќа војници во Русија минатиот октомври откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун и рускиот претседател Владимир Путин постигнаа меѓусебен одбранбен договор, чија цел е зајакнување на сојузот против, како што го нарекоа, западниот хегемонизам.
