Свет

Како би изгледала мапата на Украина ако се реализира мировниот план на Трамп

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предложи мировен план за Украина, кој вклучува промена на статусот на Крим и „замрзнување на територијалните линии“ на бојното поле.

Иако деталите од планот сè уште не се целосно јасни, коментарите на американскиот потпретседател Џ.Д. Венс за замрзнување на сегашните граници алудираат на можноста значителен дел од украинската територија формално да ѝ биде отстапен на Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски нагласи дека украинскиот устав јасно го дефинира Крим како составен дел од Украина. Но, Трамп одговори, критикувајќи го Зеленски, тврдејќи дека тој „го отежнува постигнувањето мир“. Војната во Украина трае од руската инвазија на 24 февруари 2022 година.

Администрацијата на Трамп предупреди дека ќе се повлече од разговорите доколку Москва и Киев наскоро не постигнат договор. По неколку недели одделни преговори со двете страни, САД предложија договор што се чини дека ѝ се допаѓа на Москва, но Киев досега го отфрла.

Планот предвидува Украина да се откаже од членството во НАТО, да ги ублажи санкциите кон Русија и да прифати дека Крим е под руска контрола. Иако Трамп тврди дека Украина формално нема да мора да го промени својот устав за да го признае губењето на Крим, останува нејасно дали Русија ќе се согласи.

Вeнс рече дека новите територијални демаркации ќе бидат блиску до сегашните линии на фронтот, што би значело дека Украина ќе изгуби големи делови од територијата што се обидува да ја врати – вклучувајќи ги Крим и делови од регионите Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје. Во ова сценарио, Русија веројатно би морала да се откаже само од помалите делови од Харковскиот регион што ги контролира и да се откаже од целосната анексија на четирите покраини.

Кремљ во средата објави дека прекинот на непријателствата бара Украина целосно да се повлече од териториите што ги бара Русија. Но, според Оликер, не е јасно дали предложениот договор ја обврзува Украина да направи таков потег.

Реториката на Трамп дополнително предизвикува загриженост. Потпретседателот Џ.Д. Венс отворено изјави дека „ќе бидат повлечени нови линии блиску до сегашните“, додека самиот Трамп вели дека „Крим останува со Русија“, наведувајќи дека сите „го знаат ова долго време“.

Иако Зеленски постојано јавно ја отфрла идејата за предавање на Крим, некои други украински лидери, како што е градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, посочија дека компромис за „привремен мир“ е можен, иако неправеден. Таквото решение би можело да значи привремено отстапување од територијата, но речиси е сигурно дека Киев никогаш нема правно да го признае запленувањето на кој било дел од својата територија.

На почеток