Утрото разговарав со сопартиец, име не му знам, рече Палевски одговарајќи каде бил кога е убиен Жежовски


И во одговорите на прашањата од Обвинителството, обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо се обидува да ги дискредитира снимките од дворот на обвинетиот Велибор Манев, а кои се направени ден пред денот кога велешанецот Панче Жежовски бил грабнат. На нив се гледаа сите обвинети за грабнувањето и убиствата. Дел од нив со мотороли и слушалки на уши. Истовремено, Палевски рече дека денот кога Жежовски е грабнат и убиен зборувал со некого, ама не може да се сети со кого.
„Во 2023 година најмалку 3-4-5 пати сум бил во дворот на Велибор Манев, сум бил и доцна навечер, сум бил и преку ден, кога сум се враќал од Прилеп, Битола сум застанувал сме пиеле кафе и сме разговарале. Го негирам видеото со докази, а не мои тврдења“, вели Палевски, без да приложи докази.
Обвинителството праша: „За 22.11.2023 година (денот кога е грабнат и убиен Жежовски) кажавте сте станале 09:30-10:00, сте пиеле кафе, сте го шетале кучето и дека при тоа сте разговарале со некој член на партијата кој се плашел od кучето, но за чудо не се сеќавате кое е тоа лице, ниту пак до денес е предложено такво лице за да го потврди тоа што го кажувате, не постои такво лице нели?
Обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо: Постои такво лице, претепано е во вашата истрага, има сериозни последици, јас и тогаш и денес не можам да се сетам на неговото име и презиме, мојата одбрана подготвува некакви чекори за што не сум должен да ви објаснувам. Додека ја шетам Хера среќавам многу луѓе, како што е примерот на професор Мартин, кој го предложив за сведок, кој не прифати да прими покана, за да нема опструкции на предметот јас го повлеков предлогот.
Обвинителството: „На 22.11.2023 од телефонската анализа произлезе дека прв успешен реализиран повик е дури во 13 часот и 14 минути, а претходно сте користеле интернет, ова значи дека сигурно сте имале причина што не сте биле активни во однос на повиците до 13,14 часот, така ли беше на 22.11.2023 година?
Обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо: Еве како беше на 22.11.2023 година. Телефонскиот повик кој го споменавте е на обична линија, но заборавивте да објасните, па јас ќе му објасннам на судијата. Тој е поделен на 7 разговори, сите седум разговори се по 60 секунди, и после тоа повеќе не постојат базни станици во извештајот до 16 часот и до некоја минута. Се работи за Мери Минџевска, која ме повикала од базна станица Бисер, но базна станица за Палевски нема – празно е. Спомнавте дека сум користел интернет, а таму има броеви и тоа посериозна количина, но не го кажавте времето на користењето на интернетот. Интернет сообраќајот е после 9.30 на 22.11.2023. Јас не одговарам на повици на обична линија, затоа што не сакам да бидам прислушуван незаконски. Користам исклучиво Телеграм. Според тоа, според анализата, со Влатко Кешишев е првиот разговор во 11.47 часот. Во обвинението не ни е објаснето како успеал Влатко, од 10.30 пред хотелот „Романтик“, да направи прв повик во 11.47 во Центар на Скопје“.
