Македонија

(Видео) Братот на градоначалникот на Гази Баба куртулил од казна за кратко, по скандалот казнет и тој, и полицаецот кој го пуштил

Возел 88 km/h на место во Скопје каде максималната дозволена казна е 50 km/h, но по телефонско јавување од полициски началник, казната била пишана на друго име, бидејќи возачот бил брат на градоначалникот на Гази Баба, обвини денеска СДСМ на прес конференција.

„Свиркачи од МВР ни доставија видео-снимка од радарот, на која јасно се гледа колку вози Стефковски среде Скопје. Полицајците го стопирале за да го казнат за пребрзо возење, но тогаш Д. С. (братот на градоначалникот Стефковски) телефонски контактира со некој во МВР. За само една минута, началник од МВР, кој според нашите информации тогаш дури и не бил во земјата, се јавува на полицајците и им дава наредба: братот на градоначалникот да не биде казнет и да биде ослободен. Полна му беше устата на Тошковски со празни ветувања дека „секој ќе одговара“. Денес, гледаме дека тоа биле само лаги. „Брат да ми е, ќе одговара“ е најголемата лага на Тошковски. Законот за нив не важи“, тврди портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави кривична одговорност за полицискиот службеник.

„Беше утврдена фактичка состојба многу пострашна од онаа што беше објавена од СДСМ, односно се утврди дека конкретниот полициски службеник постапил спротивно на неговите законски овластувања и дозволил одредено лице да помине без соодветна казна што требало да му биде изречена. Тоа е првиот прекршок. Вториот прекршок којшто е уште пострашен е тоа што недолжен граѓанин, кој не е поврзан со настанот, го навел во рамки на документацијата што се изготвува од страна на Министерството за вантрешни работи со што сторил одредено кривично дело кое ќе биде процесурирано од страна на Министерството за внатрешни работи“, изјави попладнево Тошковски за телевизија „Сител“.

Братот на градоначалникот на Гази Баба кој возел со 88 километри на час, наместо дозволените 50 километри на час, според министерот Тошковски, денеска сам се пријавил во полициската станица „Пролет“ и му е изречена прекршочна парична казна од 300 евра, а ќе се процесуира и забрана за управување со моторно возило.

„Овој случај МВР го расветли веднаш по информациите во јавно достапните гласила. Да упатам порака дека секој полициски службеник мора да постапува согласно закон и согласно стандардно-оперативни процедури. Никој нема никого да има шанса да го спаси од дисциплинска или друга одговорност“, рече Тошковски.

На почеток