Едни на протест, други на скара – синдикатите и на работничкиот празник се поделија


И на празникот на трудот, синдикатите си тргнаа, секој на своја страна. Едни ќе протестираат, други ќе празнуваат со скара.
Mеѓународниот ден на трудот, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) повторно се судрија околу тоа, кој, како и колку ги штити правата на работниците.
Сојузот на синдикати на Македонија денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот 1 Мај со синдикален протест барајќи повисоки плати и подобри услови за работа. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, како што најави вчера, протестот ќе започне во 11 часот од пред Работничкиот дом и ќе продолжи до Собранието и пред Владата, посочувајќи дека се бара зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра и зголемување на сите останати плати за 100 евра, почитување на колективните договори и зголемување на платите на вработените согласно придобивките од истите.
„Протестот е начин на Први мај да изразиме незадоволство од висината на платите кои ги примаат работниците во Македонија, а како што многупати сме кажале досега се најниски во регионот, а не зборуваме и за пошироко. Сојузот на синдикатите на Македонија ги повикува сите кои му мислат добро на работникот во текот на утрешниот ден, 1 мај во 11 часот да ни се приклучат на работничкиот протест на рутата на движење-Собрание-Стопанска комора-Влада“, повика Трендафилов.
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) нема да учествува на утрешниот протест во организација на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), а по повод 1 Мај, рече денеска нејзиниот претседател Благоја Ралповски.
„Утре ќе бидам дома со семејството. Сакаме да ги решаваме проблемите низ дијалог. Всушност, секогаш решавањето на проблемите на крајот доаѓа на маса, низ социјален дијалог. Сега сметаме дека имаме добар социјален дијалог и затоа на ваков начин го одбележуваме 1 Мај. Каде го гледаме добриот социјален дијалог? И без репрезентативни синдикати, на ниво на граѓански синдикати, разговаравме повторно со Владата и имаше подготвеност од нејзина страна на 1 мај да почне повторно и поголемо зголемување на платите во јавниот сектор. Но, сега ќе ги прашате оние што излегуваат утре на протест зошто одбиваат да се согласат и зошто вработените во министерствата, агенциите и управите нема да земат зголемување на платите од 1 мај“,рече тој.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во над 80 земји во светот.
