Ристовска, Ристова, Габер Дамјановска, Даштевски, Менкиновски-со аспирации за судија во ЕСЧП


Ристовска, Ристова, Габер Дамјановска, Даштевски, Менкиновски-со аспирации за судија во ЕСЧП
На конкурсот на МНР за нов македонски судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур се пријавиле 21 лице.
Според информациите, меѓи нив има судии, обвинители, адвокати.
Од јавноста не сокрија дека амбиции имаат обвинителката Ленче Ристовска и судијката Оља Ристова.
Неофицијално на списокот се наоѓаат и Наташа Габер-Дамјановска, поранешна директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, но и членот и експретседател на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, а во некои кругови се споменува и името на обвинителката Фатиме Фетаи. Желба има и заменик-директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, Илир Исени, разрешената претседателка на Врховниот суд Лидија Неделкова, владиниот агент за застапување на земјава пред ЕСЧП Даница Џонова, како и повеќе адвокати, меѓу кои и Тони Менкиновски, судии и обвинители.
Апликациите ќе ги разгледува Меѓуресорската комисија формирана со владина одлука која треба да изврши селекција на тројца кандидати, а конечната одлука ќе ја донесе Советодавниот панел на експерти за избор на судии при Советот на Европа. Селекцијата и проверка на тоа кој од кандидатите ги исполнува условите почнува од понеделник.
Деветгодишниот мандат на новиот судија ќе почне на почетокот на 2026 година.
