Македонија

Сиљановска Давкова е против предвремени парламентарни избори

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека апсолутно нема потреба од предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните избори наесен доколку Алијанса за Албанците Арбен Таравари го напушти владејачкото мнозинство.

„Предвремени избори треба да има тогаш кога се парализирани институциите, не можат да функционираат, кога мнозинството на власта е на границата на потребните 61. Далеку е од тоа. Впрочем, помина неполна една година. Да, имаме проблеми, дел од нив наследени, дел од нив нови, меѓутоа јас гледам дека институциите се справуваат со сиве овие проблеми“, изјави Сиљановска Давкова.

Според претседателката, оние што сега повикуваат на предвремени парламентарни избори беа најголемите противници на предвремените избори кога за нив, вели, имало причина.

Таа порача лидерот на ДУИ, Ахемти да не врши притисок врз судската власт бидејќи единствено е таа надлежна да одлучува кој ќе биде кривично гонет. Ваква порака испрати откако Ахемти се закани со протести ако екс министерот Крешник Бектшеи биде обвинет за пожарот во Кочани.

Нејзин став е дека засега немало потреба од свикување на Советот за безбедност по трагедијата во Кочани, бидејќи, како што вели, полицијата и обвинителството работеле на решавање на безбедносните проблеми. Ги повика политичарите да се воздржат од создавање политичка криза и дестабилизација.

На почеток