Свет

Неочекуван исход: Германија не успеа да избере канцелар

Лидерот на германските христијански демократи, Фридрих Мерц, не успеа да го освои потребното мнозинство во Бундестагот за да биде избран за германски канцелар во првиот круг од гласањето, што е неочекуван удар за неговата нова коалиција со социјалдемократите.

Мерц (69), кој на чело на Христијанско-демократската унија CDU/CSU победи на федерално ниво во февруари и договори коалиција со социјалдемократите (SPD), доби само 310 гласови во Долниот дом на парламентот, објави претседателката на Бундестагот, Јулија Клокнер. Му беа потребни најмалку 316 гласови за да биде избран во првиот круг.

Клокнер ја прекина седницата за да можат парламентарните групи да одржат консултации за понатамошните чекори.

Бундестагот сега има 14 дена да го избере Мерц или друг кандидат за канцелар со апсолутно мнозинство, а нов круг гласање би можел да се одржи уште денес.

Христијанските демократи на Мерц ги добија изборите во февруари со 28,5 проценти од гласовите, но им треба барем еден коалициски партнер за да формираат мнозинска влада.

Вчера тие потпишаа договор за коалиција со социјалдемократите, кои освоија само 16,4 проценти од гласовите на изборите, што е најлошиот резултат на партијата од крајот на Втората светска војна.

„Резултатот од гласањето е огромен и срамен удар за Фридрих Мерц“, пишува Јакуб Крупа од „Гардијан“.

„Неговата коалиција на ЦДУ/ЦСУ и СПД теоретски има 328 места во Бундестагот, но Мерц доби само 310 гласови. Тоа е 18 помалку отколку што би се очекувало и шест помалку од апсолутното мнозинство потребно за да се потврди за канцелар. Тајното гласање, се чини, не помина во негова корист.

Како што истакнуваат германските медиуми, овој исход никогаш порано не се случил во историјата на Сојузна Република Германија“, додава тој.

На почеток