Јахоски со гаранција од два милиони евра излегува од притвор


Апелација ја уважи жалбата на Асмир Јахоски, сопственикот на Пуцко Петрол, кој е осомничен во врска со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино и ја преиначи одлуката на Кривичниот суд со што мерката притвор ја укинува. За Апелација е доволна гаранцијата со ставање хипотека на имот во износ од 986 илјади евра и готовина во износ од 1,17 милиони евра.
На Јахоски му се определуваат мерки на претпазливост, одземање на патна исправа и јавување во судот.
Судот, како што информира, постапувал на нејавна седница одржана на 6 април годинава.
„Решението на Основниот кривичен суд Скопје, го преиначи на начин што ја укина мерката притвор определена спрема осомничениот А. Ј. од С. со прифаќање гаранција во износ од 986.540,00 евра, во денарска противвредност од 60.672.235,00 денари, со ставање хипотека на недвижен имот во корист на Република Северна Македонија и износ од 72.000.000,00 денари готови пари, во корист на Република Северна Македонија. Истовремено спрема осомничениот А. Ј. од С. се определени мерки на претпазливост: обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје, и привремено одземање на постојната патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа“, се вели во соопштението од Апелација.
Обвинителството на 22 април годинава го услови предлогот на Јахоски, за замена на мерката притвор за Јахоски со банкарска гаранција од 1,16 милиони евра и мерки за претпазливост, додека Кривичниот Совет на одделението за гонење на организиран криминал и корупција при Основниот Кривичен суд Скопје го одби како неоснован.
Оттаму информираат дека при одлучувањето, Судот го имал предвид претходно прибавениот позитивен предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и мислењето на Вишото јавно обвинителство Скопје да се уважи жалбата на осомничениот, со прифаќање на понудената гаранција.
– Делот од гаранцијата понуден и прифатен во готови пари од 72.000.000,00 денари претставува паричен износ еднаков на претпоставената штета за која осомничениот се сомничи дека ја сторил во конкретниот кривично правен настан, се вели во соопштението од Апелација.
